Фајзер клацкалица: „Будала човек нема, секој прави онака како што му чини“
Отсекогаш сум се обидувала да носам брзо-потезни одлуки. Не сум поборник на теоријата “да преспијам“ и теоријата дека “утрото е попаметно од ноќта“.
“Сто илјади“ грешки сум направила поради ова во животот, ама исто така и “сто илјади“, или дури и “двесте илјади“ правилни потези.
Таа клацкалка на животот ми е час горе, час доле.
Ама ретко, кога, или никогаш не ми застанува на средина.
Се сеќавате на оние клацкалици, на кои што се клацкавме кога бевме деца. Кога одиш нагоре, ти се крева малку целата утроба од адреналин, потскокнуваш малку кога си на врвот… ти лета и косата и насмевката и срцето и душата… Сѐ лета во тие неколку делови од секундата. Леташ и ти со цела своја радост. Потоа наеднаш паѓаш надолу, се враќа утробата на место…, треснуваш долу на земјата…, те заболува ду*ето… истата секунда се подбутнуваш со нозете и веќе во следната секунда си повторно горе… и се така… Е!, мислам дека некако исто вака се клацка и животот. Час горе, час доле…
Она кога ќе застанеш на средина и кога некако ја одржуваш рамнотежата со тој од спротива, тоа трае, исто така неколку секунди и после тоа станува здодевно.
Додуша, има и во тој дел еден возбудлив момент. Оној кога, ни ти, ни тој не ја допирате земјата, туку лебдите двајцата и со силата на рамнотежата и волјата, ја одржувате клацкалката во совршена рамнотежа. Ама тоа навистина може да трае само неколку секунди. Тоа е убаво лебдечко чувство, ама во него не се случува ништо. Стоиш ти, стои и животот. Се подбутнуваш ти, или тој другиот и играта повторно може да продолжи.
За мене “тој другиот“, секогаш бил животот.
Јас од едната страна на клацкалката, тој-животот од другата страна на клацкалката.
Уживам во оваа игра.
Не сакам да преспивам, не сакам да лебдам, не сакам со саати, или со денови да носам одлуки.
Дури и кога сум сакала трпеливо да ги разгледам сите опции, па после да видам што ќе правам, никогаш не сум имала гаранција дека “трпеливата одлука“ е поисправна од онаа другата. Брзо-потезната.
Мислам дека тој првичен нагон и инстинкт, што му доаѓа на човека во првата секунда е секогаш најточниот.
Секое мислење и премислување не само што ја заплеткува целата ситуација, туку и ја разводнува, ја мачи, ја гмечи, ја толчи… Ја прави парам-парче, кое после веќе не може да се состави.
Вакцината фајзер ми е муабетот.
Цела недела читам на разни портали, дека “фајзер е најголемиот геноцид и криминал над човештвото“.
И сеа… !?
Коментари одоздола, како овој бил паметен, овој глуп, овој кретен и идиот…
Значи паметни беа и овие што се вакцинирале и оние што не се вакцинирале.
Истовремено беа исто така очајно глупи и оние кои се вакциирале и оние кои не се вакцинирале. Секој секому беше глуп, во очите на другиот.
“Читкав“ така и не знаев дали да плачам или да се смеам.
Едно само сакам да ги прашам сите.
Зошто мислиш дека си паметен ако си се вакцинирал и зошто мислиш дека си паметен ако не си се вакцинирал!??
И секако зошто мислиш дека е глуп тој што се вакцинирал, или дека е глуп тој што не се вакцинирал!??
И сеа ако сум паметна тука треба да го завршам писаниево.
Ама не сум. Односно си дозволувам себе си да бидам и глупава, исто како што си дозволувам себе си понекогаш да бидам и паметна.
Се кудам за едното, се величам за другото.
Како на клацкалицана. Исто.
Нема да завршам, туку ќе продолжам уште некој ред да “паметувам“.
Вака: кога човек ќе донесе одлука, каква и да е таа одлука, мора да стои со целото свое битие зад таа одлука.
И со срце и со душа и со разум и со став и со волја.
Крај!! Нема мрдање!
Погрешна, исправна… нема везе… каква и да е твоја е.
Твојот внатрешен глас рекол вака, или онака.
И пак ќе ја спомнам баба ми. Таа велеше “будала човек нема, секој прави онака како што му чини“.
Тогаш кога умираа луѓе секоја секунда, беше “паметно“ да се вакцинираш.
Оние кои не се вакцинираа молчеа и не кажуваа дали ќе се вакцинираат, или не.
Се плашевме и едните и другите.
И никој од нас не знаеше што е паметно, а што глупаво.
Сега повторно сме исправени пред истите прашања.
Само што сега оние кои не се вакцинирале се сметаат за најпаметни, а овие другиве вакцинираните почнуваат да се кријат и да молчат.
Некои дури и подлажнуваат дека не се вакцинирале.
Знам само едно!, Кога поминуваш улица, или застани, или претрчај. Само немој да стасаш до пола и да се укочиш. Така сто посто ќе загинеш.
Не се мислете дали сте сториле паметно што сте се вакцинирале, или не сте вакцинирале. Тоа само ќе ви ја изеде душата. И ќе умрете.
Бидејќи умираат и оние кои се вакцинираа и оние кои не се вакцинираа.
Само затоа што „нешто“ им ја изело душата.
Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу:
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин