„ФОЛК БОКС“ - НОВ МУЗИЧКИ ТВ-МАГАЗИН СО АЛЕКСАНДРА ТИМКОВСКА
„Фолк бокс“ – телевизиски музички магазин
„ФОЛК БОКС“ - НОВ МУЗИЧКИ ТВ-МАГАЗИН СО АЛЕКСАНДРА ТИМКОВСКА
Од утре на „Алфа“ ќе почне да се емитува проектот „Фолк бокс“ – телевизиски музички магазин кој секој работен ден на гледачите ќе им ги сервира најновите информации поврзани со убавата македонска песна. Концептот опфаќа интересни прилози од терен и гостувања во студио каде пејачите ќе имаат можност да покажат што сработиле, но и интересни топ-листи.
- „Фолк бокс“ е нашата арена на која оние кои со години го бараа својот медиумски простор ќе можат да си ги измерат силите. Сметаме дека ваква содржина недостасуваше во етерот, но и на домашната сцена воопшто - вели Борче Нечовски, првиот човек на „Бокс продукција“ која го реализира проектот.
Уредник и водител на емисијата е познатата новинарка Александра Тимковска.
- За мене беше предизвик да бидам дел од тимот кој стои зад овој проект, затоа што со години сум љубопитна, се разбира, како човек од светот на естрадата и медиумите, што ќе понудат музичарите. Одамна ја слушам истата приказна, особено меѓу фолкерите дека немаат свое место во медиумите и дека сето она што го работат нема каде да се емитува и кој да го види. Шансата сега ја имаат, столчето спроти мене е празно и секогаш подготвено на него да седне некој што сработил нешто – вели Тимковска.
Легенда:
- Магазинот „Фолк бокс“ во 15 минути ќе ни ги сервира актуелните музички случувања