Фондацијата „Трајче Мукаетов“ додели 40 нови стипендии за учебната 2021/2022
Фондацијата „Трајче Мукаетов“ четиринаесетта година по ред доделува стипендии за студенти на Фармацевтскиот и на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје. Восогласност со објавениот јавен конкурс, изборот на стипендистите за учебната 2021/2022 година е усвоен од Управниот одбор на Фондацијата, по предложената прелиминарна листа од комисиите за распределба на стипендии, во чиј состав членуваа претставници од Фондацијата, од двата факултети, како и претставници од редовите на студентите.
Годинава се доделени 40 нови стипендии, од кои 20 за студенти на Фармацевтскиот и 20 за студенти на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ oд Скопје. Еднократната парична награда во висина од 1.200 евра во денарска противвредност, која ја доделува Фондацијата дванаесетта години по ред за првенците на генерација на двата факултета, годинава им припадна на Зоран Гаврилов од Фармацевтскиот факултет (со просек 9,49) и на Милена Гривчевска од Медицинскиот факултет (со просек 9,94),двајцата стипендисти на Фондацијата „Трајче Мукаетов“.
„Особено ми е драго што компанијата ‘Алкалоид’ и Фондацијата ‘Трајче Мукаетов’ биле и се дел од успешната приказна на 579 студенти по фармација и по медицина на државните универзитети во изминативе 14 години. Едукацијата во овие две професии е од исклучителна важност, а задоволството е уште поголемо што ние како компанија ги стимулираме студентите во текот на образовниот процес и ги мотивираме кон нови повисоки достигнувања во матичните струки. Од вкупниот број стипендирани студенти досега, 92 веќе ја започнаа својата кариера во нашата компанија. Иако приликите на новото време налагаат специфично функционирање на процесите во сите сфери, нашите заложби за инвестирање во образовниот процес, во знаењето и во луѓето, пред сѐ, ќе останат на врвот на листата на приоритети на компанијата“, изјави г. Живко Мукаетов, претседател на Фондацијата „Трајче Мукаетов“ и генерален директор на „Алкалоид“ АД Скопје“.
Почнувајќи од учебната 2007/2008 година, Фондацијата стипендира/ше вкупно 579 студенти по фармација и по медицина, вклучувајќи ги и новите 40 во учебната 2021/2022. Од нив 218 студенти по фармација и 211 по медицина се веќе дипломирани. Од 2009 година до денес својата кариера во„Алкалоид“, во одделите на сегментот фармација, ја започнале 92 од стипендираните студенти на Фондацијата, и тоа 85 студенти од Фармацевтскиот факултет и 7 студенти од Медицинскиот факултет.
Стипендијата изнесува 6.500 денари во текот на 12 месеци, а заклучно со 30.10.2021 г. преку Фондацијата „Трајче Мукаетов“ е исплатен износ од 109.975.568,00 денари по основ на стипендии и на еднократни парични награди за првенците на генерација.