(ФОТО) ЏОНИ ДЕП СОБИРА БАРБИКИ, РАСЕЛ КРОУ ПЛЕТЕ
И славните личности понекогаш имаат потреба да побегнат од својата популарност и да се опуштат, посветувајќи им време на личните интереси. Многу ѕвезди се љубители на уметност, спорт или научна фантастика, а некои од нив имаат прилично невообичаени хобија.
Така, на пример, голем е бројот на колекционери меѓу познатите личности. Но, додека некои од нив имаат скапи збирки на уметнички дела или накит, актерот Леонардо Ди Каприо е страстен собирач на акциони фигури, особено на фигури од серијалот „Војна на ѕвездите“.
И Џони Деп собира фигури, но неговата колекција содржи ретки изданија на Барбики и кукли со ликови на познатите ѕвезди.
- Има кукли базирани на Бијонсе и „Дестинис чајлд“, Елвис Присли и бендот „Њу кидс он д блок“. Купува дури и додатоци за нив. Најчудна е куклата на Линдзи Лохан, која има и алка за следење на глуждот, од времето кога Лохан беше во куќен притвор - изјави извор близок до актерот.
Пејачот Род Стјуарт е љубител на возови. Тој во својот дом има огромен модел на железница, кој обожавателите можеа да го видат во едно од изданијата на „Модел реилроудер магазин“. Спектакуларниот модел претставува намалена реплика на њујоршката железничка станица од 40-тите години, Гранд сентрал стејшн, и содржи околу 30 метри пруга, локомотиви и вагони од тој период, позадина од облакодери, улици, железнички згради и стотици патници.
Меѓу колекционерите се вбројува и Анџелина Џоли, која има импресивна збирка на стари и украсни ножеви. Актерката го купила својот прв нож кога имала 11 или 12 години, заедно со мајка ѝ, а и нејзиниот син Медокс веќе поседува неколку ножеви, но со затапено сечило.
Пејачката Тејлор Свифт, пак, во своето слободно време изработува стаклени снежни топки. Ги прави од тегли, а во нив има новогодишни елки и ангелчиња.
Некои од ѕвездите се опуштаат со плетење. Еден од најпопуларните „плетачи“ е американскиот актер Дејвид Аркет, кој оваа вештина ја научил од неговата баба. Како љубител на плетењето се споменува и ѕвездата на филмот „Гладијатор“, Расел Кроу.