(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД БЕЛОВИШТЕ) Убавините на Македонија: Вљубување на прв поглед

Во селото Беловиште, или во тетовски  Белојште, е невозможно да не се вљубите на прв поглед. Жуборот на Беловишка река, богатството на есенските бои, глетката на водопадите на реката се одмор за душа кој нема да сакате да заврши.

Се наоѓа на 21 километар од Тетово, а името на потекнува од беложолтеникавата боја на глината која се наоѓа на една падина над селото. Над селото се наоѓа и месноста Градиште со остатоци од ѕидини за кои се смета дека се од римско време.

Ако сте со автомобил, најпрактично е да се паркирате долу, сред село. Мештаните ќе ве упатат погоре, покрај шумата, накај месноста Петочко Водиче. „Штета што не дојдовте на пролет или на лето, да си наточите вода од Беловишка река. Почиста и поубава од неа нема. За ова време, ќе ви биде студена. Ние сме друго, си ја пиеме и сега“, со гордост велат локалците.

Петочко Водиче името го добила по лековитиот извор, кој се наоѓа таму, а е прогласен и за најчист во Македонија. И денес, луѓето доаѓаат на овој извор со надеж дека лековитата вода ќе им го подобри здравјето. Рајот на Беловиште се неговите водопади. До оние кои најчесто повеќето туристи одат е најмалиот, Враживир. Поспремните одат и до поголемите два, Горна и Долна Цкала, но за да стасате до нив ви треба неколку часа пешачење. Овие водопади според висината на падот се едни од највисоките во Македонија.

Црквите „Света Петка“, и „Свети Јован Крстител“ исто така се наоѓаат во Петочко Водиче. 

Беловиште е рај за љубителите на природата, но е рај и за гурманите. Одејќи по патот нагоре, освен излетничките клупи, има и други места каде што можете квалитетно да се одморите по долгото пешачење. Беловиште нуди врвни ресторани, со одлична храна. Ако се одлучите за риба, сами си ја бирате од рибникот, ако сакате сирење за мезе, гарантирано добивате најквалитетно домашно.

Патот надолу низ селото на враќање не само што е полесен, туку е и повесел. Ние веќе си направивме план за следна средба со оваа убавина.

Милица Џаровска

Фото: Вангел Тануровски