(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД МАНАСТИРИТЕ БИГОРСКИ, РАЈЧИЦА И МОСТОТ ЕЛЕН СКОК) Убавините на Македонија: Илјада години чуда и легенди

Илјада години постои чудото наречено Бигорски манастир. Во деновите кога се слави големиот јубилеј на ова свето место, низ фотографии ве водиме токму таму, во еден од најживописните наши краеви, покрај реката Радика, на патот помеѓу Гостивар и Дебар.

Приказната, според Бигорскиот поменик вели дека манастирот го основал монахот Јован во 1020 година. Во XVI век, на Бигорскиот манастир му се случува првата голема катастрофа. Тој бил разрушен од страна на отоманската власт и од него остана само една мала црква. Во 1743 година, го обновил јермонахот Иларион.

Втората несреќа сите добро ја паметиме, големиот пожар кој избувна на 30 септември, на верскиот празник Св. Маченички Вера, Надеж, Љубов. Тогаш целосно изгоре стариот конак, две трпезарии, библиотеката, кујната и монашките живеалишта. Верниците раскажуваат дека среќа во несреќа е што пожарот се случил на голем празник, па поради неговата моќ, манастирот не изгорел целосно.

Денес Свети Јован Бигорски е и верски храм и туристичка атракција. Восхитува со пространоста, мирот, богатите иконостаси, фреските. Не случајно, филмот „Мис Стоун“ бил снимен токму тука.


Од Бигорски, нашето патување продолжува кон женскиот манастир Рајчица. Но, пред тоа, застанавме да одмориме крај мостот Елен Скок или Елен мост, во околината на село Могорче. Потсетува на стариот мост во Мостар на Неертва во Херцеговина, а имаат и ист творец, архитектот Мимар Хајрудин.

Сепак, како и секое впечатливо место како што е Елен скок, и тој си има легенди за настанувањето, и тоа три. Првата вели дека е изграден во знак на сеќавање на момчето кое убило турски бег, за да одбрани честа на својата девојка. Додека бегал од турските аскери, стасал до Мала Река. Од аскерите го спасиле самовили, кои го претвориле во елен, кој веднаш ја прескокнал реката и успеал да избега. Како благодарност до самовилите, селаните го изградиле мостот подоцна, вели легендата. Втората раскажува за бегот кој со војската се обидувал да улови елен. Еленот, иако на крајот починал при скок, не ѝ се давал на војската до самиот крај. Третата легенда раскажува за ловџија, кој одејќи на лов сретнал елен и сакал да го убие. Кога ја подигнал пушката, еленот како да го молел со погледот да не пука. Ловџијата и еленот се спријателиле, а за тоа пријателство подоцна разбрале и селаните. Одејќи низ шумата да го побараат добриот елен, го исплашиле, а еленот бегајќи не успеал да ја прескокне реката и починал. Мостот, според сите три легенди е изграден во чест на скокот на еленот.


Женскиот манастир Рајчица е на петнаесетина километри по Бигорски, а на само два километри од Дебар. Манастирската црква датира од 1835 година,но се претпоставува дека е изградена врз темели на уште постара црква од 16 век.

На местото на денешното Дебарско Езеро порано имало река и пат. Манастирот бил издигнат над патот, а под него имало лозја, што зборува за богатството на ова место,а  монасите произведувале ракија и вино. И денес за манастирот кој е посветен на Св. Георгиј Победоносец“, Рајчица важи старото име, „Дворецот на св. Георгиј“, поради неговата убавина.

Познато е дека во Рајчица рачно се изработуваат круни, митри, кои митри кои ги ги носат владиците на МПЦ. Во манастирот се чуват делови од моштите на Свети Јован Кукузел и Свети великомаченик Георгиј Победоносец како и честица од Чесниот Крст .


М.Џаровска

Фото: Вангел Тануровски

Галерија: