Македонија на ист ден изгуби две легенди: Актерите кои оставија големо творештво и се запишаа во историјата на македонскотo глумиште

Добивај вести на Viber

Пред точно 29 години македонското глумиште го напушти еден и единствен Петре Прличко. Легендарниот актер на 16-ти ноември 1995 година го напушти овој свет, на 88 годишна возраст.

Актерот во својата кариера има одиграно голем број на улоги во филмови, театарски претстави и телевизиски екранизации.

Во 1959-та година беше добитник на „Златна арена“ во Пула за главната машка улога во филмот „Мис Стон“. Во 1988-та во Прилеп и 1991 – та година во Ниш добитник беше на наградите „Војдан Чернодрински“ и „Славица“ за животно дело.

Петре Прличко е бард на македонското глумиште кој зад себе остави големо творештво. Неговата препознатлива и уникатна глума му ја донесе неговата дебитантска филмска улога во филмот „Фросина“ во 1952 – та година. А како најдрага улога одиграна во неговиот живот била улогата на „Манданата“ главната машка улога во филмот „Мис Стон“.

„Со своите импресивни комични преобразби и изведби на улоги на „човек од народот“ го истакнува својот посебен уметнички сензибилитет, на ниво на кое може да му завидат многу други наши глумци. Тој се смета за еден од најангажираните и најпознати македонски филмски и театарски глумци, заедно со: Илија Џувалековски, Кирил Ќортошев, Тодор Николовски, Ристо Шишков и Илија Милчин“, стои во биографијата за Петре Прличко на Википедија.

Во 2006 година во родниот град на легендарниот Прличко од страна на здружението на драмски уметници „Џинот“, Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов“ и општина Велес, беше воведена наградата во негова чест. Награда за животно дело за актери од средната генерација – Награда „Петре Прличко“. Наградата се состои од плакета со ликот на Прличко и паричен износ во висина од 60.000 денари.

Помеѓу добитниците на оваа награда се Тони Михајловски, Јордан Витанов, Игор Џамбазов, Александар Шехтански и други актери.

Талентот на Прличко го наследила и неговата ќерка позната македонска актерка Анче Џамбазова, која ја имаше со сопруга Нада Прличкова која почина на 91 година.


Инаку Нада Прличкова беше долгогодишна суфлерка во Македонскиот народен театар.

На денешен ден 16-ти ноември пред една година почина и македонскиот актер Мето Јовановски.

Јовановски беше теаарски, филмски и телевизиски актер. Роден во пехчевското село Панчарево, а театарската кариера ја започнал во театарот во Штип.

Улогата на Штуц во „Трст виа Скопје“, Осамениот во „Опстанок“, Илко во „Тетовирање“, Д-р Сашо во „Пред дождот“, Расси во „Трето полувреме“, Крал во „Деца на сонцето“ и уште многу други филмски остварување, како во Македонија така и на Балканот.

Ликот и делото на Мето Јовановски низ годините беше наградувано со голем број награди, помеѓу кои награда на македонскиот филмски фестивал „Браќа Манаки“ – четири пати лауреат на наградата „Милтон Манаки“, Награда на Град Скопје – „13 Ноември“, Награди „Петре Прличко“ и „Војдан Чернодрински“ за животно дело и други награди.

РЖМ