Спектакал на мраз - кога ќе го сочувате детето во себе, тогаш и чудата се возможни

Добивај вести на Viber

Дедо Мраз се појави на сцената и детскиот џагор замолкна. Тој не пристигна со кочија, ниту зад него беше препознатливиот декор со елки. Најмладите во салата „Борис Трајковски“ го гледаа во еден здив, без „да трепнат“кога со лизгалките изведуваше скокови и пируети проследени со музика.

- Љубовта е најбитна, сакајте се и помагајте си меѓу себе. – беше крајот на говорот на миленикот на децата, а потоа на адаптираните 300 квадратни метри вистински мраз – создавајќи блескав, мазен и стабилен леден партер,се појавија и останатите учесници на лизгалки. 

„Борис Трјаковски“ се претвори во замрзната арена, на која учесниците во комбинација со уметничко лизгање раскажаа делови од омилените приказни и анимирани филмови на децата. Публиката имаше можност да ужива во вистински спектакл.

Прва на сцената се појави Елса, лик од „Снежното кралство“ („Frozen“) американскиот 3Д-компјутерски анимиран музички фантазиски филм во продукција на Волт Дизни. Нејзиниот перформанс соодејствуваше со сцените од филмот, кои се емитуваа на огромен видео бим, на музика на композиторот Кристоф Бек. Со своја изведба се појавија и останатите ликови од филмот: Ана, Кристоф, Олаф и Свен, кои за миг нe’ однесоа во нивното кралство Арендел, со цел да го откријат потеклото на магичните сили на Елса. Младите и талентирани лизгачки и лизгачи, кои беспрекерно изведуваа скокови и пируети нe’ однесоа и во светот на „Убавицата и ѕверот“, американски анимиран филм од1991 година, премиерно прикажан во холивудскиот театар „Ел Капитан“. Ни ги доловија и ликовите од Дизниевите приказни „Снежана и 7-те џуџиња“ и „Пепелешка“, кој е првиот од само два анимирани филма што некогаш биле номинирани за Оскар во категоријата најдобар филм

Музиката за филмот ја компонирале Алан Менкен и Хауард Елиот Ашман, тимот на композитори кои исто така ја напишале музиката за „Малата сирена“, чиј лик беше презентиран на мразот во Арената. Воодушевување кај момчињата предизвикаа лизгачите кои се појавија облечени во костумите на Спајдермен и Грин Гоблин. 

Хероите пловеа по мразот, светските првенци во лизгање ги претворија омилените ликови во живи ремек-дела на уметноста и целата публика можеше да ужива во единствена претстава која ги спојува авантурите, фантазијата, детските спомени и празничната атмосфера во едно. Уживаа и постарите. Кога ќе го сочувате детето во себе, тогаш и чудата се возможни. 

Ова не беше само гледање оддалеку – ова беше можност навистина да зачекорите во светот на фантазијата и да станете дел од приказната, како што најави и организаторот „Прагма продукција“. 


 С.А.Н.

Фото: Вангел Тантуровски

ГАЛЕРИЈА: