“Џабе работи, џабе не седи”
Веќе сум ви кажала дека многу ги сакам нашите народни поговорки. Има неверојатно голема мудрост во нив, базирана на искуство или она што ние го нарекуваме жаргонски “животно школо”. Нашите баби и дедовци и нивните родители ги немале можностите кои ги имаме ние, што од аспект на образование што од аспект на она што ни го нуди технологијата, но имале доволно маки истргано за да го срочат во една реченица тоа што е есенција на животот. И сега да дојдам до поентата зошто токму оваа мудрост (која е наслов на денешната колумна) ме инспирираше за да ви муабетам за неа. Викендите ми се наменети за семејството и за пишување колумни или песни, па не ретко ми се случува да грабнам лаптопот и да седнам на некое мирно и удобно место за да сум раат. Моментите на сама со себе, како и спаструвањето на умот ми се неверојатен спокој и ми ги полни батериите. На прво влегување во кафулето, се сретнувам со пријател кој го сметам за исклучително мудар и кроток човек. Убавината на тоа да си најдете место во кое ќе се чувствувате свои е во чувството на тоа дека сте дома, а сепак не сте дома. Така, мојов пријател седи со персоналот кој е сочинет од неколку млади луѓе кои многу внимателно го слушаат што зборува. Додека се местам со каблите (вечната моја мака со празна батерија на лаптопот) успевам да фатам една реченица која тој им ја кажува на децата (оти по години и на двајцата можат да ни бидат деца), а која оди вака некако “никогаш да не се срамите од работа, никогаш”. Алелуја!
Во времето во кое јас растев, беше непримерно да пребаруваш или да се пекмезиш за било што, а најмногу од работа. Уште како дете додека бев во Битола за време на летниот распуст се знаеше дека кога Љутви ќе го собере тутунот, сите деца од “малата” бевме нацртани за да нижиме тутун. Лепливите прсти кои мирисаа и откако ќе ги изрибавме по неколку пати рацете со сапун, уште ми се под носот и пред очи. Ако се береше сливата за да се прави слатко или џем, немаше кој не учествуваше во бербата. И така беше секаде, едноставно имаше некое непишано правило дека кога е потребно им се наоѓаш на луѓето без ниту една помисла дека не сакаш или не можеш. Тука си, се ангажираш и крај на приказната. Награда ни беше благодарност за помошта, раванијата на Љутвица (оттогаш немам вкусено такво ремек дело) и свежиот домашен сок од густиот сируп растворен со вода. Да не појдеш во сабота и недела на пазар за да учествуваш во полнење ќеси со овошје и зарзават? Незамисливо. И тогаш немаше колички во кои ќе напикаш сé и сешто, туку кога ќе се вратевме дома ги држевме рацете под млаз грч ладна вода оти имаа засеци кои пржеа. Кога се правеше генералка, сите бевме ангажирани. Тие што се растени во куќа знаат како рибале теписи во дворот, а ние од зградите ги користевме оние железата преку кои се простираше ќилимот за да се “истепа” прописно. Работата беше дел од нашиот живот. Бевме помали, ама учествувавме во сите работи оти тоа се подразбираше. Немаше тогаш “еве, децата помагаат”, јок. Децата беа дел од семејството, а следствено на тоа имаа обврски во домот. Додека моите беа на работа, ќе се вратев од училиште и ми беше природно да земам крпа за да избришам прашина или ќе ги соберев алиштата кои се сушеа. Тогаш беше срамота да не правиш ништо, да си џаболебар, да чекаш да ти се принесе или после ручекот да си станеш од столица и да ја оставиш масата нераскрената. Тој начин на функционирање направи да израснам во личност која сака да работи, не само дека е тоа начин на обезбедување средства за егзистенција туку ми имаше станато и начин на живот. Башка што навистина има логика во тоа дека кога рацете ти се зафатени, некако и умот ти е спастрен па не ти забегува онаму кај што не треба. Јасно ми е дека тој живот е смешно наивен од денешен аспект кога се живее брзо, во трка по пари и моќ. Нејсе, секое време си има своја убавина и свои недостатоци. Скроена сум да сакам да ги гледам само убавите нешта и да пробам да го извлечам максимумот од тоа што ми се случува.
Но, од она што би го издвоила како неубаво или помалку убаво (да не сум сега толку строга) е дека со сите промени кои настанаа во споредба на некогаш и сега, е отсуството на навиката да се работи. Кога ќе направам паралела на генерациите кои доаѓаа после нас, како да има едно неосетно преминување кон (од една страна) пребирање со доза на самобендисаност која како да сака да каже “а не, јас ова не работам” до тоа да е нормално дека стануваме терет на родителите кои па и не се должни да нé издржуваат до нивната смрт (од друга страна). Како ни се случи да станеме дури и бесчувствителни или самобендисани до степен да извагаме дека е поарно да сме без ангажман, отколку да почнеме со нешто па да ловиме подобри шанси? Дел е во размазеноста од дома, оти и ние родителите малку претеруваме. Нина со другарчињата првите пари си ги заработи (за сладолед, се разбира) кога имаше 7 години, со продавање цртежи на кејот во Охрид. Тогаш чинам дека сите за првпат почувствуваа што значи со свој труд да си заработиш. Видете, чувството на таа возраст да си стокмиш пари за сладолед е пандан на она на возрасен човек да му се присака денес да оди во салон и да си купи автомобил (без да се преслушува по 100 пати како да го изведе тоа, а да е безболно за семејниот буџет).
Но, вистина е и дека си страдаме од општиот склоп на умовите кои ни се окупирани со тоа што ќе кажат другите ако кажеме дека сме на работни позиции кои (според нас) се неатрактивни. Извинете вака, ама не можеме сите да сме директори, нели? Кога сум размислувала за работа, знам една вистина а тоа е дека ако некогаш дојдам во ситуација да треба да ми трпи семејството за леб, нема работа која би ја одбила. Впрочем, секоја работа која се работи чесно, е за почит и за симнување капа. Не сите имаме исти можности и шанси за да го работиме само она што нé исполнува. Во некој паралелен универзум, сите би биле неверојатно среќни да го работиме само тоа што го сакаме. Ама животот е и она што некогаш мора да го правиме. Ми се крева коса на глава кога ќе чујам или прочитам мислење за одредени работни места. “Види го бе, вози такси”, “ех, таа чисти по куќи”, “учи за да не бидеш касиерка”. Ама дајте ви се молам, па сите тие работни места носат некому пари дома, носат храна и плаќаат сметки. Впрочем, ако не се тие луѓе не би функционирале ниту оние кои мрчат за нивните работни места. Да, ќе бидам и касиерка, продавачка, работничка во фабрика, па и такси ќе возам ако е тоа опцијата која ми се нуди за да не зависам од никого и за да овозможам дома да има полна трпеза. Проблемот е што сите тие работи се потценети и автоматски тоа значи дека се работи за минималец. Какви бруки сме и колку забораваме дека е животот тркало, чудо едно. Додека ние вака функционираме, со “има ли некоја позиција за детево да биде директор”, се потсеќам на сé што сум читала за успешните компании во кои газдите ги спремаат своите деца еден ден да ја водат компанијата, со тоа што ги тераат буквално да ги поминат сите работни места кои постојат во компанијата. Не за друго, туку ем за да го знаат целокупниот процес, ем за да имаат увид во тоа дека секој човек таму без оглед на позицијата на која што е, е важен за да функционира сé како што треба.
Отсекогаш ми било поарно да работам било што, отколку да седам со скрстени раце и да кукам дека немам опции. Единствено за што не се сложувам со поговорката “џабе работи, џабе не седи” е дека и’ се има изгубено првичното значење кое е со ниет да не се срамиме од било каква работа. Токму оваа поговорка е како зелено светло за лешинарите кои мислат дека можат да експлоатираат туѓ труд. Веќе со години работам три работи и би работела уште некоја ако ми се укаже можност. Што повеќе ми се рацеве ангажирани, толку сум во подобар однос со умов. Срам немам од работа, ама ме фаќа срам кога гледам колку се срамиме од нешто што е исправно. И да, многу ќе дознаете за некој кога ќе го видите неговиот однос кон работата општо или кон луѓето што работат нешто што за него е “срамотно”. Мој совет ви е таквите да ги одбегнете и да не ви дишат во близина. Снобови има со лопата да ги рине човек, а сите собрани заедно не вредат колку еден грош.
Ич да не ви е гајле што некој мисли за она што го работите, што и да е тоа. Ако знаете дека достоинствено си ги извршувате работните обврски (какви и да се), да чекорите со главата горе и да сте горди на себе. Нека се срамат тие кои оставаат семејства на улица, кои ве гледаат во очи и ве лажат, оние кои се служат со девизата “лева рака, десен џеб”. И да си ги научите децата дека не постои работа која е арам, ако ја работат со алал. Чистиот образ е најголемото богатство кое може да го има еден човек.
Бидете живи и здрави, ви подарувам нова песна.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Не бадијала старите велеле
Човек сам работа да си најди
И секојпат рацете зафатени да му бидат
Дали пенкало в раце ќе држи
Или по дворот да си копа
Дали со игла и конец руба ќе крпи
Или плеталото в раце ќе го врти
Само да не му седат рацете в скут
А скутот празен да му биди
Оти умот најмногу забегува
Кога многу простор му се дава
За да шета ваму-таму
За да ѕирни овде-онде
Та многупати и предалеку ќе појде
И нема како назад да си дојде
Ако не го заудаш на време
Ако не го научиш тој тебе да ти служи
Наместо ти нему да му слугуваш
Арно рекле старите
Оти тие умни биле и знаеле
Дека човек најмногу страда
Ако снагата му лежи по цел ден
Ако рацете само за украс му се
Та секогаш наоѓале што да прават
Насади цвеќе
Собери овошјето
Зачисти по дома
Прочитај книга
Оти колку појќе човек работи
Толку животот поисполнет му е
И некако внатре
Ете, внатре во душата поубаво му е
И сонот му е поспокоен
Мислата му е почиста
Та сета мудрост од старите да ја имаме
Или барем некако да поднаучиме
Оти нема работа која не вреди
И нема работа која не чини
Ако себе во неа се внесиш
Ако чесно ја работиш
За чесно да си заработиш
Оти посладок е лебот
Кој сам на маса си го принел
И виното послатко станува
Оти знаеш дека те бива
Знаеш дека вредиш
И дека со свои две шаки нешто си стокмил
Арно велеле старите
Оти работата човекот го краси
И оти таа му ја држи главата над вода
Оти таа ќе го спаси
А некогаш најмногу од себе
Некогаш најмногу од мислите