Фрида Кало и другите историски жени направени како барбики

Добивај вести на Viber

Компанијата „Барби“ одлучи да го обележи Меѓународниот ден на жената со посебна серија кукли на инспиративни жени.

Од легендарната авијатичарка Амелија Ерхарт до младата олимписка шампионка во сноубординг Клои Ким, „Барби“ создаде 17 кукли со реалистичен изглед, за да слави успешни жени од различни полиња.

„Како бренд кој инспирира неограничени потенцијали на млади девојки, ‘Барби‘ токму за Осми Март ќе издаде досега најголема серија кукли, посветена на жени кои можат да служат како пример“, изјави генералната менаџерка на компанијата, Лајза Мекнајт.

Колекцијата содржи три историски личности и 14 жени од модерно време.

Покрај Ким, своја кукла добија и режисерката на „Чудесна Жена“, Пети Џенкинс, активистката за заштита на дивиот свет Бинди Ирвин, боксерката Никола Адамс, сурферката Чагла Кубат, готвачката Елен Дароз, одбојкарката Хуи Руоки, дизајнерките и бизнисменки Лејла Пједаеш и Вики Мартин, голферката Лорена Очоа, актерката и филантроп Шијаотонг Гуан, балерината Јуан Тан, новинарката Мартина Војчиековска и фудбалерката Сара Гама.

„Барби“ ја дополни колекцијата со три жени кои оставиле голема трага во историјата: Ерхарт, уметницата Фрида Кало и математичарката Кетрин Џонсон.