Фудбалот е пасија на 91 годишната д-р Нада Скерлев: Била на Маракана во Бразил, на Ноу Камп и на Бернабеу во Шпанија, на Олд Трафорд, Емиратите и Стамфорд Бриџ во Англија
Д-р Нада Скерлев (91), педијатар во пензија, фудбалот го следи уште од 1958 година. Омилен клуб и’ е Манчестер Јунајтед, кој и’ го честиташе 90-от роденден, како најверна и најстара навивачка од Македонија.
Ги проследи сите натпревари од ЕП во фудбал и со нетрпение го очекува утрешното финале. Разумот и’ вели дека ќе победи Шпанија, поради одличната игра. А срцето посакува трофејот да го крене Англија.
- Бев студентка, кога се случи кобната авионска несреќа и настрадаа таканаречените „Базбиеви бебиња”, младите и талентирани фудбалери на Манчестер Јунајтед. Односно речиси целиот прв тим. И од тогаш, и еве до сега, навивам за овој клуб. И во добро, кога беа речиси непобедливи и во Премиер лигата и во Европа, па и сега, кога не се во најдобра форма. Манчестер Јунајтед ми го честитаа 90тиот роденден, како најверна и најстара навивачка од Македонија. – открива д-р Скерлев и ја истакнува својата парола: „Еднаш докторка, цел живот докторка.“
Медицината и’ беше професија, фудбалот и спортот , голема љубов.
- Студирав медицина и работев како лекар педијатар цел свој живот, до пензионирањето. А и потоа, со совети, кога ме прашуваа. Но спортот ми е голема љубов. Си мислам некогаш дека можеби требаше да студирам јазици, на пример, и потоа да станам спортска новинарка! Ама во тоа време, моите ќе ги стегнеше срце ако им кажев такво нешто. Затоа ми остана пасијата да следам се’ од спортот. Со зет ми и ќерка ми од Лондон повеќе пати сме биле „на фудбал”, а бев и на Летната Олимпијада во Лондон во 2012 година.
Кој спорт најмногу го следи?
- Сега го следам тенисот - Вимблдон, се разбира. Благодарение на ќерка ми во Лондон, сум била повеќе пати и на Централниот и на Теренот број Еден и сум ги гледала најдобрите светски тенисери. Омилен ми е Алкараз, но за мене најдобар беше и ќе остане Роџер Федерер. Ќерките честопати се шегуваат дека ако беше по мое, Роџер ќе им беше брат!
Најзадоволна кога гледа фудбал
- Но, ако можам да бирам, најзадоволна сум кога гледам фудбал. При моите патувања, а ги имаше многу, сум била да гледам фудбал на Маракана во Бразил, на Ноу Камп и Бернабеу во Шпанија, на Олд Трафорд, Емиратите и Стамфорд Бриџ во Англија. И сега гледам и следам со внимание, ете Европското првенство. Немаше секогаш добар фудбал, гледам многу прекршоци и паѓање и глумење фаули „како за Оскар”. Тоа што сум „медицинарка” ми овозможува да проценам дали некој од фудбалерите што лежи на теренот и мава со рака по тревата е навистина повреден или „глуми фаул”. А се намножија некако многу глумци…
Прогноза за европски шампион во фудбал
- Разумот ми вели Шпанија, одлично играа цело време и се сé подобри, уживање е да се гледаат. А срцето вели Англија, не затоа што играа добро, не поради Џуд Белингам, тие играа дефанзивна игра и имаа и многу среќа да стигнат до финале. А и зашто имам таму и ќерка и зет и прекрасни спомени и некако си велам, толку многу сакаат да го освојат трофејот, уште од 1966 година кога го освоија Светскиот куп, целата нација е насочена кон овој трофеј. Велат, Англија е колевка на фудбалот, а никако трофеј. Па можеби сега, конечно, овој европскиот.
С.А.Н