Грижата за домот е моја обврска која уживам да ја правам и никогаш не ми претставува проблем: Утринско кафе со Сандра Малетски

Сопругот оди на работа, а јас и ќерка ми Миа подготвуваме заедно појадок. Во текот на неделата обично првото утринско кафе го пијам сама и буквално си уживам во тие триесетина минути кои ме опуштаат. За викендите кога сопругот е дома тоа го правиме заедно.

Најголема мотивација ми е моето семејство, премногу ми значи што тие се мојата најголема поддршка во сè што правам. Ме мотивираат успешни луѓе, луѓе што работат на себе и се стремат да ги остварат своите соништа.

Моите секојдневни обврски се со ќерката, бидејќи не оди во градинка гледам денот да ѝ биде исполнет со игра и разни активности соодветни за нејзината возраст. Од скоро посетува и балет два пати во неделата. Со оглед на тоа што мојот сопруг работи во текот на целиот ден, домашните обврски и грижата за домот се исто така моја обврска, која морам да признаам уживам да ја правам и никогаш не ми претставува проблем.

Пред да започнам да ја спремам Миа за спиење, правам ред во домот за следниот ден да се разбудиме во чист и среден дом. Кога Миа ќе заспие, го користам времето за себе, за нега, за читање на книги, за разговор и време поминато со мојот сопруг.

Преферирам книги секогаш, јас сум огоромен љубител на книгите и постојано читам, особено пред спиење. Иако сакам да гледам и филмови и серии, секогаш прво би одбрала добра книга.

*Сандра Малетски - дипломиран педагог - магистер по човечки ресурси