„Илузии“ е пандемиска претстава без прекршување на мерките
Ниту еднаш не се сретнале во живо. Не ги прекршувале превентивните мерки. Комуницирале онлајн. Секој ден за време на полицискиот час разговарале на прашањата: а што ако пандемијата потрае подолго, каков би бил светот, како би функционирале во новонастанатите околности и што би се случувао со уметноста и, поконкретно, со театарот? Снимале во домашна изолација и со приватни телефони. И така 50 дена. Се додека не настанала виртуелната претстава „Илузии“, која на 11 јуни, во 20 часот ќе има онлајн премиера на каналот на Wonderland Theatre, на Youtube.
Претставата „Илузии“ во режија на Нела Витошевиќ е работена според мотиви од истоимената драма на најпознатиот современ руски писател Иван Вирипаев. Трае 50 минути. Во неа учествуваат актерите: Драгана Лошкова, Ивана Павлаковиќ, Никола Настоски и Исмет Шабановиќ. Монтажата ја направи Васил Христов, а музиката е на Огнен Анастасовски.
-Оваа виртуелна претстава e наш придонес и уметнички израз во оваа новонастаната состојба.Направена е во време на пандемија и нејзиното создавање е поврзано со периодот на карантинот. Секој ден откако ќе започнеше полицискиот час, екипата се собираше на проба на интернет платформите за комуникација. Дискутиравме, споделувавме сознанија и информации за новите глобални околности. Се обидовме да направиме претстава во виртуелниот простор и да видиме што ќе добиеме како резултат на ова истражување. Влеговме во оваа не толку позната сфера и претставата е одговор на предизвикот кој новото време го задава – вели тимот на Wonderland Theatre, чиј продукциски потпис стои зад „Илузии“.
Нела Витошевиќ, режисерка на претставатаПретставата ги отвора темите на љубовта, неверството, оттуѓеноста и празнотијата и минливоста на животот.
-Сметавме дека во вакви кризни времиња овие теми се актуелизираат кај секој човек. Приказната ја раскажуваат четворица актери кои постојано влегуваат и излегуваат од улогите. Сите играат определена улога, но истовремено се и наратори на приказната, па така претставата отвора и еден друг документаристички аспект кој зборува за проблемита со кои се соочува, а и допрва ќе се соочува постпандемскиот театар – најавува оваа млада екипа.
Претставата може да се следи и на инстаграм страницата на театарот „Вондерленд“ и на фејсбук.
Независниот театар „Вондерленд“ во 2010 го основаа режисерите Нела Витошевиќ и Васил Христов.
Сличен пионерски зафат минатиот месец започна и Велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ со интернет-проектот „Тој и таа“, уште еден театарски производ во време на физичка изолација, настанат преку вмрежување на интернет платформите и перформативноста.
Ј.Ф.