Има ли интерес кај граѓаните за згрижување на деца?

Добивај вести на Viber

Во државата постојат 172 згрижувачки семејства во кои се згрижени 274 деца, но потребно е оваа бројка да се зголеми.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека оваа бројка не е доволна бидејќи нивна цел е децата кои моментално се сместени во институците да  бидат згрижени во семејства каде ќе имаат подобра и попријатна средина за понатамошен раст и развој.

„Министерството за труд и социјална политика заедно со УНИЦЕФ, ја започнаа Кампањата за згрижувачките семејства под слоганот  „На секое дете му е потребно семејство„. Целта на кампањата, покрај обезбедувањето на нови згрижувачки семејства, е и да се подигне свеста на јавноста дека секое дете има право да расте во семејна средина  опкружено со грижа, нега и поддршка која им потребана  на децата. Преку оваа кампања сакаме да допреме до сите оние семејства коиимаат искрена желба и мотивација да пружат грижа на дете на кое му е потребна, како што се децата без родители и родителска грижа, деца  со попреченост, бебиња, деца жртви на насилство и заапоставување, а притоа  ниту едно дете да не биде сместено во голема институција.  Во земјава има деца сместени во институции од 0 до 18 години, и тоа: 65 деца од 0-3 годишна возраст во Установа за сместување на доенчиња и мали деца без родители и без родителска грижа до три годишна возраст во Битола; 44 деца од 3 до 18 годишна возраст во установа за  сместување на деца без родители и без родителска грижа над тригодишна возраст и на младинци „11 Октомври“ Скопје; 25 деца во установа за сместување на деца и младинци со воспитно-социјални проблеми „25 Мај“, Скопје; 15 деца во установа за сместување на деца и младинци со нарушено поведение „Ранка Милановиќ“, Скопје; деца со попреченост во установа за сместување на деца и младинци со умерени и тешки пречки во менталниот  развој „Специјален завод“ Демир Капија; 15 деца со физичка попреченост во установа за сместување на деца и младинци со пречки во телесниот развој во Бања Банско; 35деца со попреченост во установа за сместување на лица  со пречки во менталниот  развој Топанско поле, Скопје“- велат од МТСП.

Згрижувачките семејства во согласност со законот, имаат право на надомест на трошоците за згрижување и надомест за работа за давателот на услуги.

„Но, на згрижувачкото семејство му е потребно  и друг вид  поддршка. Подготовката и изборот на згрижувачки семејства ја врши надлежниот Центар за социјална работа. По изборот, згрижувачките семејства учествуваат во обуката и добиваат психолошка поддршка. Секое згрижувачко семејство е оценето за да се утврди каков вид поддршка е потребна. Целта на оваа проценка е да се обезбедат сите услови за згрижувачкото семејство да се грижи за детето на најдобар можен начин. Центарот за социјална работа редовно ја следи ситуацијата и оценува дали згрижувачите соодветно се грижат за детето. Центарот за социјална работа создава индивидуален план за да му помогне на згрижувачкото семејство да ги реши проблемите како што се постигнување подобри оценки во училиштето, менување на однесувањето и стекнување на животни вештини, како и управување со буџети, време или простор за живеење“ –додаваат од МТСП.

Сузана Величковска од Куманово веќе 8 години е згрижувач и кај неа досега престојувале десет деца.

„Ние немаме наши биолошки деца и ни понудија да бидеме згрижувачи, по што прифативме. Оваа наша работа е хумана, но и одговорна, правиме чекор по чекор. Децата се социјализираат, не се отфрлени и од училиштето каде учат „Магдалена Антова“ многу ми помагаат, за што сум многу благодарна“- вели Величковска.

Таа апелира граѓаните да ги згрижуваат децата затоа што и тие сакаат да почувствуваат дом, внимание, љубов. 

Сања Атанасовска