Ана Бунтеска: што кaсмет ќе имавме да се сретнеме
Како ми идe да се распостелам со книжулиња
И на секое од нив по една дума за тебе да напишам
И да ги виткам надве
Па повторно и повторно дур’ прстите не ме заболат
Една цела вреќа мали книжулиња да соберам
И да се испентарам на врв на Водно
(Иако знам оти душава низ нос ќе ми излезе)
Да чекам поволен ветар
Та да ги пуштам сите низ него
И ич гла’та да не ме боли повеќе
Ниту да те мислам
Ниту да те пишувам
Ниту по луѓе ко неарна да се вртам
Па после ти мисли му ја
Градов љубовен ко’ ќе го сторам
И сите низ воздух душава ќе ми ја читаат
А тебе к’о што си касметлија
Сигурно ќе ти се падне она пусулче во кое те пцујам
Па те замислувам како подголтнуваш
И срценцето како ми ти се собира
Како ти натежнува к’о алишта во вода натопени
А јас
Е јас на раат ќе седнам некаде
И ќе се мислам дал’ топла чоколада да пијам
Или со чаша бело вино слободата да си ја прославам
Ќе ги испружам нозеве и книга ќе читам
Или очила за сонце на носов ќе ставам
И в небо ќе се џарам
Дур’ градов побелен од моиве мисли ќе е
И не оти ќе ти текне што треба да сториш
Или и она што ќе ти текне погрешно ќе е
Ама па и јас веќе на ништо не се надевам
Ама ете така бе ми се сака
А башка и што ми се може
Да се оправдам оти сум луда поетеса
За сиот бес и болка да ги напишам
И во љубов да ги завиткам
Низ ветар да ги пуштам
И конечно да те заборавам
А и себе каква со тебе сум била
Како да не сум била тоа јас
Туку некоја друга во моево тело ставена
А потем мирно да станам и да заминам
И со месеци пенкало в рака да не фатам
Ма каква љубов какви бакрачи
Ќе почнам книги за деца да пишувам
И тоа во рими со цртежи од ќерка ми
А дотогаш
Дотогаш еве книжулиња низ раце виткам
Дур’ прстите не ми побелат
Дур’ душава не дооцрни
Дур’ не те преболам
Дур’ од себе не те откорнам
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска