ИНДИЈЦИТЕ ВООДУШЕВЕНИ ОД МАГИОНИЧАРОТ ГОГО: Ме имаше на насловни страни, а сè уште не сум ја посетил земјата

Добивај вести на Viber

Нашиот популарен илузионист Георги Гавровски лани беше ангажиран во акцискиот трилер „Мерсал“, првиот индиски филм што се снимаше во Македонија

 Со  Џозеф Виџеј на снимањето на филмот

Македонскиот реномиран илузионист Георги Гавровски познат како Гого Реквием преку ноќ стана препознатлив лик во Индија, откако лани беше ангажиран во акцискиот трилер „Мерсал“, првиот индиски филм снимен во нашата земја. Познатиот магионичар сè уште е под импресии од соработката со Џозеф Виџеј, главниот актер во остварувањето кој важи за една од најголемите ѕвезди на индиската кинематографија. Во филмот, Виџеј е токму магионичар, а Гавровски во улога на главен кореспондент и асистент за сите илузии во проектот, му помогна во усовршувањето на триковите.

- Ме поканија на премиерата во октомври минатата година, но поради професионални обврски не успеав да отпатувам. Џозеф е многу талентиран и има огромна љубов кон илузијата. На снимањето беше толку скромен, иако во Индија е во топ три најпопуларни актери и го гледаат како Господ. На социјалните мрежи има 40 милиони фанови. Најинтересен беше моментот кога пред извесен период на мојот профил на „Твитер“, на кој патем не сум многу активен, објавив фотографија со него. Преку ноќ почнаа да ме следат илјадници луѓе, а фотографијата ја пренесоа повеќе индиски весници и тоа на насловните страници. Почнаа да ме контактираат и да ми нудат гостувања во шоуа во кои би го покажал својот талент. Се надевам дека наскоро ќе ми се оствари таа желба. На некој начин таму сум ѕвезда, а сè уште не сум ја посетил земјата–раскажува Гавровски.

За талентот на Гавровски пишуваа повеќе индиски весници


Во филмот Гого беше ангажиран на покана на македонскиот продуцент Дејан Илиев кој лани успеа во намерата да го убеди етаблираниот индиски режисер Арун Кумар својот филм да го сними во Скопје. Во проектот беа вклучени 750 статисти и педесетина наши докажани филмски работници, а сцените се реализираа во Македонскиот народен театар и на градскиот плоштад.

Во друштво на најдобрите: Гого во Лондон со најголемиот светски менталист Дерен Браун (лево) и во Лас Вегас со легендарниот Дејвид Коперфилд


Во 2014 година, во конкуренција на 13.000 кандидати од целиот свет, Гого успеа да влезе во потесниот круг од десет илузионисти кои добија стипендија за најпознатата академија за магионичари во Лас Вегас. Во тој период го запозна и Дејвид Коперфилд, еден од најголемите илузионисти на сите времиња. Следен негов ангажман е конгресот „Златна Мачка“ во Габрово, Бугарија каде од 23 до 25 март е поканет како предавач. Речиси секое лето го поминува работно во Америка, а кога е во Македонија најчесто настапува на детски родендени во градинки и во основни училишта. Негова голема љубов е и музиката. Дел од јавноста го памети неговиот бенд „Реквием“ со кој сè уште свири по скопските кафулиња.

За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов