На 16 години заминала од Виница во Марибор, сега е министерка за дигитализација во новата словенечка влада: Специјално интервју со Емилија Стојменова Дух

Добивај вести на Viber

Емилија Стојменова-Дух, која е родена во Македонија, а словенечка министерка за дигитална трансформација поднесе оставка откако се најде под голем притисок на јавноста поради неовластено користење сигнални светла на својот службен автомобил во Австрија. Оставката ја прифатил премиерот Роберт Голоб.

И додека таа поднесува оставка, се потсетуваме на интервјуто кое го имаше Женски магазин.

Таа е професорка на Електротехничкиот факултет во Љубљана, основач и директор на мрежата FabLab Slovenia и Digital Innovation Hub (DIH) Slovenia. Од неодамна именувана за министерка за дигитализација во новата словенечка влада на новиот премиер Роберт Голоб. Емилија Стојменова Дух е активна во иницијативата за „паметни села“ поддржана од Европската комисија и Европскиот парламент. Стојменова-Дух ја претставува Словенија во мултирегионален проект на Стејт департментот кој избра 50 жени од целиот свет кои се на важни позиции во науката, технологијата и математиката.

Родена во Виница, на 16 години заминала во Марибор.

„Барав начин, да излезам од градот каде сите се познаваат и работите се средуваат преку врски. Случајно открив можност за стипендија за програмата Меѓународна матура. Без да им кажам на родителите се пријавив и бев избрана“, ни раскажува Емилија во ексклузивното интервју за Женски магазин, за нејзиното заминување од Македонија.

Што за неа претставува да биде министерка во словенечката влада, што ја мотивира во животот, кој е клучот за нејзиниот успех, како успева да се носи кариерата и семејните обврски, ни открива во редовите подолу.


*Накратко која е Емилија Стојменова Дух ?

-Емилија е мајка на Мартин и сопруга на Андреј. Обожава да работи, затоа што работата и претставува предизвик. Колку што е потежок проблемот, толку поголема мотивација има да го реши. Не може да заспие без да прочита барем неколку страни од некоја книга. Обожава и редовно посетува рок концерти. Саботите се резервирани за фудбалски натпревари. Навива за ФК Марибор. Не може да одолее на чевли, чанти и јакни, одобено кожени.

*Како патот ве однесе во Словенија – раскажете ни ја вашата приказна

-Родена сум во источна Македонија и пораснав во Виница. За тие што никогаш не биле во Виница – задолжително посетете ја. Виница е мал град, но сепак има одлични училишта, основни и природно-математичка гимназија. Денеска има многу успешни фирми, кога живеев таму не беше така. Превладуваше текстилната индустрија и земјоделството и сама едноставно не можев да се видам во таква иднина. Затоа барав начин, да излезам од градот каде сите се познаваат и работите се средуваат преку врски. Случајно открив можност за стипендија за програмата Меѓународна матура. Без да им кажам на родителите се пријавив и бев избрана. Тогаш не знаев каде точно е Марибор, не разбирав словенечки, не познавав никој што живее таму. Можеби помагаше тоа што имав 16 години и не размислував за сите можни проблеми, ама еве, сум имала среќа (се смее) . 

*Вие сте нова министерка за дигитализација во словенечката влада. Каков предизвик е оваа функција за вас, и што претставува?

-Функцијата ми преставува голема чест и уште поголема одговорност. Јас сум прва министерка во било која словенечка влада, која не е родена во Словенија. Воопшто во Европа можете на прсти на една рака да изброите такви како мене – родени и пораснати во една држава и на водечки позиции во друга. Бев пријатно изненадена од понудата на премиерот, кој ме покани да бидам дел од неговата екипа исклучително врз основа на моите професионални успеси во Словенија и Европа. Со дигитализација работам веќе долго. Имам водено многу меѓународни проекти финансирани главно од Европската комисија. Со секој од нив постигнавме одлични резултати. Лани добивме значајна награда „Digital champion“ од Светскиот самит на информатичко општество. Знаењето и искуствата кои ги добив со тие проекти, сакам да ги искористам и аплицирам на ниво на целата држава.


*Вие сте и основач на FabLab Словенија и 4PDIH Словенија. Какви се целите на овие платформи?

-FabLab Словенија е платформа за едукација, мегуѓенерациско вмрежување и поддршка на креатори, стартапи и други компании. Иако неформална, националната мрежа представува технолошко поддржана средина за прототипирање на иновации и поттик на циркуларната економија и локалното претприемништво. Целта на оваа мрежа е поврзување на едукативни организации, компании, невладни организации и поединци за повеќе трајни иновации.

4PDIH оди еден чекор напред и обезбедува, поврзува и поддржува знаење, технолошка и бизнис експертиза, технологии, експериментални и пилотни средини, најдобри практики, методологии и други активности неопходни за целосно овозможување на словенечката индустрија, јавна администрација и заедници во градењето на дигитални компетенции и иновативни модели и процеси. Целта на 4PDIH е да ја поттикне свеста и да обезбеди услуги за раст на дигиталните компетенции, споделување на дигитални искуства на локално, регионално и меѓународно ниво и поддршка на владата, да ја прилагоди регулативата и да ги отвори своите податоци за поттикнување на претприемништвото.

*Кажете ни нешто за вашиот живот во Словенија – како почнува еден ваш ден, како изгледа и завршува?

-Мојот ден зависи многу од тоа дали работам од дома, сум на факултетот на физичка локација или на едно од редовните патувања низ Европа. Со оглед на тоа дека живееам во Марибор и работам во Љуљана, кога мора да бидам во лабораторијата денот ми почнува околу 6:00 наутро. Прва работа кога отворам е проверка на меил и правам план за денот. Без оглед на тоа дали е работен или неработен ден, сакам да ми биде се испланирано уште наутро . И многу се нервирам кога нешто или некој ми ги уништи плановите. Синот и сопругот се одлични во тоа и се учам да бидам флексибилна (се смее). Во зависност од сообраќајот, доаам на факултетот мегу 8:30 и 9:00 и се посветувам во целост на работните обврски, проекти, студенти и екипа. Дома се враќам мегу 18:00 и 19:00 и тогаш се трудам да се посветам на фамилијарните обврски. Со син ми имаме една своја мајка-син традиција: пред да заспие мора секој од нас да го опише својот ден. Во деновите кога сум во Љубљана главната грижа за синот ја превзема сопругот и тие моменти пред да заспие ми значат многу. Доколку сум во Словенија се трудам, да спијам дома, без оглед на тоа дали се вракам доцна навечер кога сите спијат или заминувам наредниот ден рано наутро. На сите дома ни значи, да поминуваме што е можно повеќе време заедно.

Кога можам да работам од дома, мојот распоред е пофлексибилен. Обично работам цел ден, ама можам да бидам вклучена во активностите на син ми – да го возам на тренинг, да го земам од училиште и да бидам како сите останати родители. Најтешко е кога сум на службен пат, особено за подолго време. Тогаш немам фамилијарни грижи, ама имам грижа на совест (се смее) .

Каде и да сум, пијам огромни количини на турско кафе (се смее) .


*Што ве мотивира во животот, што ве турка напред кога ќе доживеете момент на пад?

-Во момент на пад размислувам што можам да се научам од искуството – која била причината за падот? Дали сум можела да го спречам и како треба во иднина да функционирам, да не ги повторам иститите грешки. Што ме мотивира? Различни нешта во различни моменти. Како секој инженер, обожавам да решавам проблеми. Особено ми се интересни широки и комплексни проблеми. Само едно дрво не ми представува предизвик. Отсекогаш моето внимание го привлекува целата шума.

*Што би донеле/промениле од Словенија во Македонија да можете веднаш?

-Прв предлог би бил бесплатно и квалитетно јавно образование и здравство достапно на сите. Тоа е најголема инвестиција, која може да ја има некој народ. Здрав и образован народ е спремен да се соочи со сите предизвици. Поголемиот дел од својот живот живеам во Словенија и немам кристална слика за тоа како се одвиваат работитие во Македонија, ама овде кај нас имаме многу цивилно ангажирани луѓе, во последно време многу млади, кои ги туркаат работите во прав правец ѝ им поставуваат огледало на политичарите. Верувам дека такви промени би и користеле и на Македонија. 

*Што најмногу ти недостастува од Македонија ?

На прво место се секако родителите и поширокото семејство. Пријателите и добрата храна. Со тоа не мислам дека храната во Словенија не е вкусна, далеку од тоа. Ама ми недостигаат вкусовите од детството.


*Вие сте зафатена жена, мајка и сопруга. Како успевате да ја комбинирате кариерата и домашните обврски?

Искрено – не ми е секогаш сосема јасно, ама некако успева. Имам огромна помош и поддршка од сопругот. Секој од нас се труди најдобро што може. Додатно ни помагаат сестра ми и нејзиниот партнер кои живеат во Марибор и првиот син на сопругот кој е веќе возрасен. 

*Тежок ли беше вашиот пат до успехот, што сметате дека е клучно во Вашиот живот за жената која сте денес? 

Не беше лесен (се смее). Ама не би сменила ништо. Што е клучно? Да веруваш во себе. Да се дружиш со луге кои веруваат во тебе. Кога ќе паднеш, да не се сожалуваш, туку да собереш сила, станеш и одиш напред. Да се почитуваш. Никој нема да те почитува ако не се почитуваш сам/а себе. Пред се, што и да правиш, да правиш искрено и со срце.


Ирена Ставрова