Интервју со Благица Павловска, директор на СУГС „Кочо Рацин“: Добивме комплетно ново и опремено училиште со кое гордо можеме да се пофалиме

Добивај вести на Viber

Благица Павловска, директорката на СУГС „Кочо Рацин“ од Скопје (Ѓорче Петров) гордо најавува дека од септември, таа и нејзините соработници ќе пречекаат нови генерации ученици во комплетно реновирано училиште. Како жена на одговорна раководна функција, смета дека е жално што кај нас сè уште професиите се делат на машки и на женски, и вели дека функцијата директор на средно училиште соодветно прилега на жена. Со Павловска разговаравме за отсеците кои ги нуди ова училиште, за предностите на гимназиското и стручното образование, за модата како дел од нејзиниот живот, со оглед на тоа дека СУГС „Кочо Рацин“ нуди и отсек за моден дизајн. Павловска е горда на своите колеги, наставниот кадар за кој вели дека е еден од најдобрите. Објаснува дека наставата се одвива во помали класови и со самото тоа внимамнието е поголемо, нема класични испрашувања туку на самите часови наставниците ја прават евалуацијата на учениците за стекнатото знаење.

* На прагот се уписите за новата учебна година, кои отсеци ги нуди СУГС „Кочо Рацин“?

- СУГС „Кочо Рацин“– Скопје нуди повеќе опции за идните средношколци. Нашето училиште овозможува Гимназиско образование со изборни подрачја: Општествено хуманистичко, Јазично уметничко и Природно математичко подрачје. Од стучното образование вршиме упис на ученици во економско-правна и трговска струка- профил: Економски техничар; и Сектор за Текстил, кожа и слични производи-профил: Техничар за изработка на облека со четиригодишно образование, Техничар за дизајн на облека со четиригодишно образование и Конфекционер со тригодишно образование.

* Општ впечаток е дека кај учениците е послаб интересот за стручните отсеци/училишта. „Кочо Рацин“ е училиште кое долги години наназад има текстилно- кожарска струка. Каков е интересот за креативниот дел- уметничкиот дел, техничар за дизајн на облека?

- Општо во изминатите години значително беше намален интересот за стручното образование. За разлика од минатата година кога акцентот се стави на стручното образование преку проектот на МОН „Учи паметно, работи стручно“ кој овозможи отварање на дуални паралелки во училиштата. Кај нас дуални паралелки се економската струка - профилот економски техничар и текстилно-кожарската струка - профилот техничар за дизјан и изработка на облека. Во таа насока училиштето склучи бројни  договори со компании каде што учениците ја реализираат наставата учење преку работа, практичната настава и феријалната пракса. Веќе од минатата година јавноста кај нас почна да воочува дека стручното образование е иднината, како што е и секаде во светот и интересот за стручното образование повторно почна да се враќа.

* Училиштето од септември ќе пречека нови ученици во речиси нови простории. Што точно опфати реновирањето, што е ново во просториите на училиштето?

- СУГС„Кочо Рацин“ е целосно реконструирано училиште. Градот Скопје инвестираше во целосна промена на кровот, тавани, нова енергетско ефискасна фасада промена на осветлувањето со нови економични лед сијалици, електрика и водовод. Во училиштето комплетно се реновирани училните, толетите, подот. Кабинетите се опремени со соодветна техника за наставата (проектори и лаптопи), комплетно нов опремен кабинет за информатика итн. Најкратко речено,комплетно ново и опремено училиште со кое гордо можеме да се пофалиме.

* Какви надворешни активности, соработки и проектни активности нуди СУГС „Кочо Рацин“?

- Соработка и потпишани меморандуми со две училишта со Р.Србија: Гимназија Власотинце и Школа за текстил и дизајн од Лесковац со кои учествувавме на проекти, реализиравме размена на ученици со Гимназијата од Власотинце. Имаме добиени грантови од Проект за мултиетничка интеграција во образованието со потпишан меморандум на соработка со турските паралелки од СУГС „Јосип Броз Тито“. Реализиран е проект Еразмус со текстилната струка во соработка со Р.Бугарија за изработка и дизајн на венчаници. Училиштето има освоено трето место на државно ниво во натпреварот „Имам Став“ проект на Парламентарен институт на Собрание на РСМ. Имаме добиен грант на проект од Фонд за иновациии технолошки развој  за иновацијата на проект наречен „Звучна капа“. Учество во проект поддржан од Првата дама на РСМ за обезбедување помош на ученици од социјално ранливи семејства во соработка со здружение „Хумана Плус“ и СЕПУГС„ Васил Антевски Дрен“. Потпишан меморандум за соработка со Институт „ Европа за тебе“ и многу други.  Ова е само дел од активностите преку соработки со кои можеме да се пофалиме, од активности во училиштето се нудат многу опции: Спортски активноти, Драмски клуб, ликовни изложби и натпревари, Фото клуб, еколошки работилници, музички активности-хор и оркестар и многу други.

* Родителите чии деца учат кај вас имаат главно пофални зборови за наставниот кадар и за наставните методи. Велат дека професорите обрнуваат внимание на сите ученици подеднакво со оглед на тоа дека се работи за помали класови. Како вие би го искоментирале ова?

- Да, често слушаме позитивни коментари од страна на родителите на кои особено се радуваме и драго ни е што е така. Родителите се задоволни од начинот, методите и техниките кои ги користат наставниците за време на образовниот процес. На мое задоволство нескромно можам да кажам дека наставниот кадар во СУГС „ Кочо Рацин“ е еден од најдобрите. Во помали класови внимамнието е поголемо, нема класични испрашувања туку на самите часови наставниците ја прават евалуацијата на учениците за стекнатото знаење, секогаш има време за поправање или дообјаснување. Така во помалите класови квалитетот е поголем и секако успехот е тоа што го потврдува. Како резултат на тоа ние сме и победници на бројни натпревари.

* Во некое постаро време, директори на училишта беа главно мажи. Дали вие како жена имате чувство дека работите условно речено машка професија?

- Да, во некое постаро време воглавно директорите биле мажи, но работите се менуваат. Жално е што сè уште кај нас постојат тие стереотипи и поделба на машки и женски професии. Се согласувам дека не е лесно да си директор, бара ангажман, посветеност, раководење и менаџирање. Но иако бара повеќе труд не се согласувм дека е машка професија, напротив Директор на средно училиште соодветно прилега на жена.

* Дали според вас, жените на раководечки функции можат „машки“ да го издржат притисокот и да се справат со предизвиците?

- Можеби ќе звучи премногу феминистички но сметам дека жена може сè...Да не бидам погрешно разбрана, жената е раководител на работа, но таа по работното време  се грижи за домакинството, децата и кога ќе се сумира сè, таа работи 24/7 и не се жали, особено самохраните родители. Затоа, апсолутно сметам дека жената може да ги издржи сите притисоци и успешно да се справи со предизвиците и да направи од сето тоа да произлезе нешто ново и нешто многу поубаво. Е, така жените „машки “ се соочуваат.

* Со оглед на тоа дека раководите со училиште кое има моден отсек, колку вие приватно ја следите модата, модните збиднувања, каков стил на облекување преферирате на работа и надвор од училиштето?

- Не можам да речам дека слепо ја следам модата, но сакам да сум во тек и љубопитна сум што има на модните сцени во Европа, која боја ќе се носи, која должина на здолништа, накит итн. Кај нас, имаше тренд да се одржуваат модни викенди, но состојбата за жал секаде се промени, па и кај нас. На работа стриктно се држам до деловната облека, се трудам да комбинирам бои и парчиња за да не бидам монотона, но секогаш да бидам достојна за приликата, дали е состанок или прием. Во приватно време најчесто сум „casual“ или спортски, нешто покомотно, но и тоа зависи од приликата на која сум.

* Што ве прави среќна кога не работите, и колку често работата ја носите и дома?

- Работата не престанува и за жал многу често ја носам дома. Но и тоа е дел од она што ме исполнува. Ме прават среќна моите 2 деца и уживам во времето со нив, кога сум со нив заборавам на сè и едноставно ги полнам моите батерии, ме прават среќна средбите со моите блиски пријатели, природата... Многу малку треба човек да биде среќен, само треба да знае да ужива во малите а големи нешта.

Милица Џаровска

Фото: Архива на СУГС „Кочо Рацин“