Интервју со Митка Мојсовска: Несебичната поддршка од семејството овозможува да трае и страста кон професијата и да се одржи баланс

Добивај вести на Viber

Митка Мојсовка повеќе од 10 години е тренер и имплементатор во областа на контролинг, каде во континуитет ги следи и имплементира искуствата од регионот и Европа. Таа воедно е и единствен лиценциран тренер и партнер на „Controller Akademie Munich“, во нашата земја.

За професијата зборува со посебна страст, вели дека ја радува фактот што среќава сè повеќе жени на менаџерски позиции во компаниите, успева успешно да балансира меѓу деловните и приватни обврски, пасија ѝ е возењето велосипед, а животните лекции ѝ се најголемо животно мото.

* На почетокот би Ве замолилa да ги издвоите најзначајните моменти од Вашиот досегашен професионален пат.

- Во мојот случај, контролингот се појави од финансиско-сметководствената функција. Кога ќе погледнам на моето досегашно искуство, од оваа перспектива можам да кажам дека имав среќа да поминам низ логичен редослед на активности и акумулирано знаење поврзано со работењето во финансиите во мојата работа. Повеќегодишно искуство во сметководство и снимање деловни настани, запознавање со деловна документација, е основа на моите деловни активности денес, да се реализирам во сертифициран тренер и партнер на германската „Controller Academy“ од Минхен, а паралелно да бидам на позиција финансов директор во една од најреномираните дистрибутерски компании во Македонија - КОЛА. Не е благодарно да се анализираат билансите и другите финансиски извештаи без да се знае како пристигнува секоја бројка во тие извештаи и како под влијание на кои деловни активности се менуваат состојбите на компанијата. Затоа, честопати сакам да кажам, врз основа на сопственото искуство и без намера да влијаам на развојниот пат на младите колеги, дека сметководственото знаење е економска писменост за секој што сака сериозно да се справи со финансиите и контролинг. Исто како што наскоро стана јасно дека известувањето само за минатото и исполнувањето на правните норми преку надворешно обелоденување не е доволно, така и јас со текот на времето станав сè повеќе вклучена во финансиска анализа и планирање. Преведено во услови на секојдневниот живот, покрај тоа што постојано гледаме наназад, стана императив истовремено да се погледне во ретровизорот, но и да се насочи значаен дел од вниманието напред, кон хоризонтот, постојано земајќи ги предвид знаците на патот. Сè повеќе, акцентот беше ставен на ажурирани, јасни тековни извештаи, анализи и прогнози. Овие активности се одличен додаток на мојата сметководствена основа и јас бев доста љубопитна и мотивирана да некако природно влезам во новоформираниот организациски дел задолжен за контролинг, или како што сè уште традиционално се нарекува во многу наши компании - план и анализа. Несомнено, е дека секоја менаџерска позиција бара основна финансиска писменост, така што не значи дека функцијата успешен контролер мора да произлезе само од сметководствено-финансиската функција, напротив, успешен контролер може да биде секој еден кој ги разбира деловните процеси и има основно ниво на финансиска писменост. Понатаму, тој љубопитен и аналитичен дух го надоградував со завршување на Академијата за Контролинг ( по програма на „Controller Akademie“ од Минхен) каде всушност теоретски и практично се заокружива еден циклус на  едукација во таа специфична област.

* Од што зависи успехот на една компанија?

- И големите и малите компании мора да знаат каде се движат односно кои се нивните цели, со кои ресурси и на кој начин ќе ги постигнат…според тоа контролингот како функција подеднакво е важен и за мали и за двете.

Често во пракса се зборува дека контролингот е исклучиво резервиран за големите компании, тоа е заблуда, доколку голема компанија влезе во зона на „несигурност” по правило „лесно се извлекува” во споредба со малите компании, а тоа најчесто е поради достапност до капитал и природата на сопственичката структура на самата организација. Оние компании кои поради големината или некои други околности не може да си дозволат сектор за контролинг, сè почесто користат надворешни советодавни услуги за контролинг за одредено време.

За професионално изведување на процесот на контролинг во компаниите, многу важна улога имаат сметководствените податоци и од особена важност е тие да бидат точни, навремени и содржајни во смисла да постои посебна аналитика со сите димензии на книжење. Покрај добро организираните сметководствени податоци исто толку важен момент е информатичката структура односно информатичкото решение, тоа е основна алатка на секој контролер кој има задача да ги структуира и организира податоците на начин кој што ќе му покаже на менаџментот кои KPI се најважни, од кои производи/услуги компанијата најмногу остварува профит, од кои купувачи профитираме, каде може да направиме заштеди, каде трошиме несоодветно, што можеме да оптимизираме итн… Најдобро е компанијата да има IT решение софтвер за поддршка на контролинг во големите компании тоа е „must“, додека во малите организации обично се користи „excel“ како алатка, а според најновите трендови тој се комбинира со бесплатната алатка на „Microsoft Power BI“. Исто така се повеќе се користат алати за напредни визуализации на деловните извештаи како на пример Zebra BI Zebra BI Tables – the most powerful matrix visual in Power BI согласно HICHERT-IBSC меѓународни стандарди за деловна комуникација.

* Што е контролинг и како може да се имплементира контролинг систем во компаниите?

- Контролинг е филозофија на управување, односно збир на мултидисциплинарни знаења кои му се потребни на менаџментот за донесување на квалитетни одлуки. Генерално, контролингот овозможува поквалитетно управување со идните случувања и дава одговор на конкретни прашања – какви се трендовските вредности и што можеме да очекуваме во иднина, во кои производи повеќе треба да се вложува, а кои производи или услуги треба да ги напуштиме, во кои клиенти треба да вложуваме, а кои треба во иднина да ги избегнуваме, кои пазари треба да ги развиваме, на кој начин компанијата треба да се финансира, дали и понатаму треба да се задолжува итн... накратко од контролинг добиваме КОНТРОЛЕРСКИ биланс на успех за секој поединечен производ, услуга, бренд, регион итн...

Морам да истакнам дека во последните неколку години заинтересираноста за едукација во областа на контролинг е сè поголема и поголема, но не е достигнато она ниво на свесност на македонските компании, што всушност значи контролингот како функција и кој е неговиот придонес во компаниите односно кои се придобивките од негова имплементација. Големите групациски компании имаат воспоставено систем на контролинг додека во нашите домашни компании почнува тоа да се развива, но многу често неговата улога ја поистоветуваат со сектор план и анализа, финасии итн но тоа не е исто.

Како се врши имплементација на контролинг? Во принцип тоа се изведува во 4 фази, прво се прави анализа на постоечката состојба на компанијата односно процесот започнува со отварање на таканаречената хауба на компанијата т.е се снима работењето на постоечката компанија, се прави анализа на финансиските извештаи на компанијата во последните 3 до 5 години истовремено се анализираат сите процеси и процедури во компанијата и она што е добро останува, а тоа што не е ОК го корегираме
Во втората фаза правиме избор на клучни кадри кои што ќе соработуваат во процесот на имплементација, истите треба да ја поминат едукацијата од областа на теоријата и праксата и алатките за подршка на контролинг, како би биле оспособени за работа во контролинг и користење на информациите за контролинг. Потребно е да се направи детален увид во информацискиот систем, поради запознавање со моменталната состојба и можностите за натамошен развој, особено во сегментот на трошковното и управувачкото сметководство. Информацискиот систем во голем дел го детерминира изгледот на идниот контролинг, па и системот на известување.

Во третата фаза, се гради таканаречен органиграм на компанијата т.е се креира нова организациска структура на компанијата, места на трошок, профитни центри, анализа и дефинирање на новите деловни процеси, ходограм на документација, организација на сметководствените процеси т.е се отвараат нови димензии на книжење итн...

И во последната односно четврта фаза се пристапува кон изработка на модел на деловно известување од контролинг на сите нивоа на менаџмент.

* Каква е положбата на жените во македонската бизнис заедницата?

- Имам впечаток дека во последните години во деловниот свет, сè повеќе среќавам жени на менаџерски позиции, гледано од аспект на контролинг 95% од слушателите на академијата се жени и генерално сите се на менаџерски позиции. Самиот факт што постојат доста здруженија за вмрежување на женската популација која придонесува за размена на искуства, знаења од специфични области, учество на проекти веројатно придонесува жените да се издигнат на повисоки функции во општеството.

* Кој е, според Вас, главниот проблем со кој се соочуваат жените во бизнисот?

- Веројатно сме на пат да се разбие таа табу тема дека очекувањата од жените е да се биде домаќинка, во минатото тоа се очекувало, но мое мислење е дека ситуацијата повеќе не е таква. Кај жените постои притисок да се извршат обврските спрема домот, семејството од една страна и професионалниот дел од друга страна, но бидејќи по природа сме мултитаскинг тоа и го постигнуваме т.е правиме некаков баланс. Од друга страна сметам дека и машкиот пол веќе се вклучува во домашните активности и на тој начин некако се балансираат обврските.

* Како балансирате меѓу деловниот и приватниот живот?

- Кога работите нешто што ве исполнува, тогаш не станува збор за материјална страна, кога чуствувате вистинска страст за нешто, инстиктивно наоѓате начин да ја негувате таа страст. Несебичната поддршка од семејството, пред сè овозможуваат да траат и страста кон професијата и да се одржи балансот. Несомнено е дека доколку функционирате во деловниот свет помалку време ви останува за приватниот живот.

* Каде ја насочувате енергијата кога не сте фокусирани на работата? Како се релаксирате?

- Пандемијата која нè зафати остави голема трага врз сите нас. Но донесе како негативни така и позитивни работи. Конкретно, додека ни беше ограничена слободата на движење ја открив мојата нова пасија – возење велосипед. Сега знам за викенд да извозам и по 100 км… ме релаксира природата која секој ден нè потсетува дека треба да бидеме благодарни на сè што имаме и да ги цениме и најмалите нешта, тоа е нешто што претходно не сум го правела.

* Мото кое Ве води низ животот?

- Животните лекции се најголемото „мото”, но сепак немојте да се плашите од тоа што не го знаете. Тоа може да биде вашата најголема сила и да осигура дека ќе ги правите работите различно од сите останати.


*Д.Караташова Илиоска