Искрено со босанскиот актер Бранко Ѓуриќ- Ѓуро пред гостувањето во Скопје: Мојата сопруга е мојата најблиска душа и ме познава подобро од мене

Добивај вести на Viber

Од времето на неговите магии во кујната кои совршено ги импровизираше во скечевите „Đurine kućne čarolije“ (Домашните магии на Ѓуро) во „Топ листа на надреалитите“, преку улогата на Шефкет Рамадани во филмот „Бал-кан-кан“ на Дарко Митревски, босанскиот актер Бранко Ѓуриќ- Ѓуро секогаш наоѓа начин да биде актуелен во јавноста. Дури и да не работи ништо што е реткост, народот го сака и го памети како култниот лик од Надрелистите, како пејачот на групата „Бомбај штампа“, како Александар од филмот „Во земјата на крвта и медот“ на Анџелија Џоли во кој играше со Јелена Јованова. Долги години, Ѓуро живе во Словенија и е оженет со убавата актерка и пејачка Тања Рибиќ, и ја имаат ќерката Зала која тргна по стапките на родителите.

На 13 октомври, Ѓуро ни доаѓа во Скопје, на стенд ап комедијата „Ѓурологија“ која ќе се одржи во Домот на АРМ, а во регионот оваа хит-претстава ја гледале повеќе од 450.000 луѓе, што е почетен повод за нашиот муабет.

* Во Ѓурологија ги опишувате вашите лични ставови за животот и размислувањата. Според вас, што не е во ред со денешниот начин на живот, дали дигиталниот свет и онлајн дружењето можат да го победат вистинскиот во кој сме пораснале?

- Во никој случај и никогаш „дигиталниот свет“ и онлајн дружењето не можат да го заменат вистинскиот. Сето ова што се обидува да стане „новата нормала“ во последните неколку години нема и не може да го замени блискиот контакт, кожа на кожа. Бевме сведоци на обид за отуѓување на начин да се забранат социјални контакти за да се спасат луѓето. Ефектот беше токму спротивен. Излегуваат студии и резултати за тоа колку луѓе страдале, ментално се разболеле, па дури и извршиле самоубиство поради губење на директен човечки контакт. Социјалниот контакт и комуникацијата го создадоа човечкиот вид, губењето на тоа може да нè уништи.

* Оние кои биле млади или тинејџери пред и за време на распадот на Југославија сè уште се поврзани со „Топ листа на надреалистите“. Се сеќаваме на вашиот лик, на Шахбаз, Згемба, г-ѓа Попушилиќ, Минка... Кој лик ви беше омилен и најнезаборавен, како се работеше и се снимаше во тоа време во однос на денешното?

- Тогаш се работеше исто како и денес. Самата техника и начинот на снимање не е многу променет од тогаш. Единствената разлика е што тогаш бевме похрабри и послободни од денес, колку и да звучи чудно за некого. Од времето кога ги снимавме Надреалистите до денес, многу работи се сменија на полошо, иако ни се чини дека сè напредува. Што се однесува до ликовите, омилени ми беа Јасмин и Хамуш.

* Долго време живеете во Словенија, колку време поминувате во родното Сараево, што е првото нешто што го правите кога ќе се вратите дома?

- Мајка ми сè уште живее во Сараево и таму имам уште многу пријатели и роднини. Кога сум таму, се трудам да поминувам што повеќе време со нив. Не се чувствувам како странец или турист иако не доаѓам многу често, сепак тоа е мојот град.

* Сте соработувале неколку пати со сопругата Тања Рибиќ, како е да се работи со некој со кој го делите животот, има ли поголема одговорност во тој случај?

- Многу е полесно да работите со некој што многу добро го познавате. Се трудам да уживам во мојата работа и секогаш е многу полесно кога си опкружен со драги луѓе. Мојот тим е секогаш како моите најблиски роднини. Тања е мојата најблиска душа и некој што ме познава, понекогаш ми се чини, дури и подобро од мене.

* Вашата ќерка Зала е талентирана млада актерка, колку ги слуша вашите совети и колку од себе препознавате во неа?

- Таа има свој став кон сè и е многу независна. Секако дека се трудам да и помогнам со совети и таа го цени тоа, но таа секогаш го избира својот пат. Зала замина во Америка на осумнаесет години, таму студираше глума и сега е на добар пат да ужива во својата работа.

*Милица Џаровска