Искрено со водителката Ивана Јанковска: Вкусот на чоколада не може да ми го замени ниту едно протеинско барче
Сака косата секогаш да ѝ биде средена, а во несесерот секогаш има маскара и лабело
ТВ водителката Ивана Јанковска е девојка која секогаш внимава на својот изглед, а во оваа прилика пред огледалото на Женски Магазин ги раскажа своите ритуали за убавина.
* Каков е Вашиот дневен козметички ритуал?
- Дневниот козметички ритуал верувам дека не ми се разликува баш од поголемиот дел на девојки и жени на моја возраст. Нормална процедура: миење лице со исклучително ладна вода, нанесување серум, гел за подочници и дневна крема со заштитен фактор (СПФ).
* Со какви препарати го негувате лицето?
- Искрено, не сум тип на девојка која се преоптеретува со тоа какви препарати или „име” на производи користи. Едноставно ѝ давам на кожата тоа што го бара од мене. Немам проблематична кожа па затоа и не можам да кажам дека обрнувам внимание поголемо од тоа што е потребно.
* Посетувате ли козметички салони?
- Секако дека да. Мислам дека секоја жена треба да си ја сака и да си ја негува својата кожа, но не претерано. Сѐ што е умерено, барем кога е кожа во прашање е навистина доволно.
* Кои производи ги употребувате за нега на коса?
- Негувана, здрава и сјајна коса. Сон на секоја жена. Звучи како реклама, но мислам дека нема ништо поубаво од негувана коса. Лично јас обрнувам внимание на тоа како мојата коса изгледа и се трудам пред сѐ, таа секогаш да е „чиста”. Ми се допаѓа изгледот на измиена коса многу повеќе од „мрсна” коса, и мислам дека секоја девојка треба да обрнува и тоа како големо внимание на тоа. Во главно практикувам производи на природна база, кои ја потхрануваат, хидрираат косата и придонесуваат нејзиниот сјај да не згаснува. Исто така ги обожавам и третманите за хидрација на коса кои ми ги прават во мојот омилен козметички салон минимум два пати месечно.
* Што сакате да прикриете, а што да истакнете со шминка?
- Погледот и насмевката според мене се најмоќното оружје, па затоа би рекла дека ако нешто треба една жена да истакнува на себе е токму тоа. Кога ги имате тие две работи нема потреба да прикривате ништо, затоа што и онака никој нема да ги забележи ситниците кои што ви причинуваат некакво незадоволство, освен самите вие - пред огледало.
* Кои се Вашите омилени козметички производи?
- Немам омилени производи ама имам производи кои ми го олеснуваат и разубавуваат секојдневието. Сакам сѐ што ме прави среќна мене и моето тело.
* Што носите секогаш во Вашиот несесер?
- Маскара и лабело.
* Омилен парфем?
- „Olympéa - Paco Rabanne“ и „Good girl - Carolina Herrera“.
* Како ја одржувате линијата?
- Не можам да се пофалам дека сум човек кој внимава како се храни, обожавам слатко и вкусот на чоколада не може да ми го замени ниту едно протеинско барче. Вежбам повремено, некогаш почесто, некогаш поретко, зависно од расположение и време. Линијата би ја препишала на генетиката и сум многу благодарна што ете не морам премногу да се „измачувам” за да имам добра фигура. Тука сакам да кажам дека ова не е совет кој би го препорачала, но само мој искрен одговор.
* Како би се опишале себе си? Што е она што Ве движи напред?
- Енергијата е таа што ме движи напред. Соништата и патот до нивните остварувања ме движат напред. Упорноста и тврдоглавоста ме движат напред. Убавината на животот што сите треба да ја искусиме ме движи напред. Тоа што ме движи во животот претпоставувам и доволно кажува каков човек сум. Среќна и насмеана по природа.
* Дали надворешната убавина е пресудна за оставење на прв впечаток?
- Сите ние луѓето на прва гледаме во амбалажата која секогаш лаже око. Втора шанса за прв впечаток нема, така што изгледот е многу важен при прв контакт, второ е тоа што ќе излезе од нашата уста. Или како би се кажало поинаку „Све што је лепо и Богу је драго”.
* На која дама ѝ се восхитувате и зошто?
- Немам една дама на која ѝ се восхитувам, имам повеќе. Им се восхитувам на сите успешни жени, им се восхитувам на сите мајки, им се восхитувам на сите цврсти и јаки жени кои биле истрајни во остварување на своите желби, иако сум сигурна дека само тие самите си знаат низ што се требало да поминат за да ја остварат целта. Ете на тие жени им се восхитувам.
* Каква треба да е современата жена?
- Современата жена треба пред сѐ да е жена. Да има женска енергија дури и тогаш кога е свесна дека е способна да направи сѐ сама.
* Д.Караташова Илиоска