Издавачката куќа „Арс Ламина“ и авторот Зоран Спасов-Ѕоф донираа 350.000 денари за „СОС Детско село“

Добивај вести на Viber

Во просториите на „СОС Детско село“, во рамки на „Програмата за згрижување на деца без родителска грижа“, вчера се одржа средба со г. Зоран Спасов-Sоф авторот на романот „Тито, мојот претпоследен херој“ и претставници од „Арс Ламина“, издавачката куќа која го објави ова дело.

Средбата се одржа по повод донаторската кампања „Донирај и добиј книга“, која во ноември 2020 г. ја иницираа авторот на романот и издавачката куќа, со цел вкупните средства од продажбата на првиот тираж (од 1000 примероци), вклучителноисредствата од авторските права да ги донираат за потребите на децата, младите и семејствата во ризик, поддржани од „СОС Детско село“.

Од исклучителна важност е дека граѓаните и љубителите на книгата ја препознаа дополнителната хуманитарна вредност на ова дело и придонесоа во рекорден рок од месец дена да се продадат 1000 книги и да се соберат 350.000 денари. 

На средбата во просториите на „СОС Детско Село“, донаторите предадоа чек со вредност од 350.000 денари на националната директорка Јулијана Накова Гапо, а воедно имаа и можност да посетат една од куќите и да се запознаат со едно од семејствата и со секојдневното функционирање.

Според Јулијана Гапо, национален директор на „СОС Детско село“, дарежливоста и солидарноста имаа круцијална улога овој период, особено поради влијанието од пандемијата на Ковид-19. 

– Благодарни сме што добивме партнери како авторот Зоран Спасов-Sоф и издавачката куќа „Арс Ламина“, кои покажаа исклучителна сензибилност за важноста на помагањето во време на пандемија. Преку нивната акција ја покажаа нивната солидарност, но и индиректно ја промовираа потребата за солидарност помеѓу граѓаните и важноста да се помага на најранливите категории – децата и семејствата во социјален ризик – посочи Гапо.

Авторот на Тито – мојот претпоследен херој, Зоран Спасов-Ѕоф истакна дека е среќен што во „Арс Ламина“ пронашол издавач со кој ја доработил книгата и со кој дели исти човечки и морални вредности.

– Затоа се одлучивме на овој чекор за приходот од продажбата да го донираме на оние на кои им е најпотребно, односно на децата од најранливите категории. Соработката нема да застане тука и се надевам дека ќе биде мотив за сите оние индивидуални донатори и правни лица да го следат овој пример – посочи Спасов. 


Маркетинг-менаџерот во „Арс Ламина“, Александра Лукиќ-Камиловска, вели дека „Арс Ламина“ од своето основање е насочена кон поддршка и помош на различни типови на институции и социјално загрозени категории на граѓани.

– Досега, издавачката куќа „Арс Ламина“ има реализирано голем број на донации, а овој пат ја препознавме потребата да се помогне и да им се подобри секојдневието на децата во „СОС Детското село“. Секако, ќе продолжиме со вакви акции и во иднина со цел да возвратиме во општеството во кое функционираме и да помогнеме за да креираме посветла и поубава иднина – појасни Лукиќ-Камиловска. 

Јулијана Накова Гапо истакна дека, за жал, сè уште во целиот свет најзагрозени се децата и нивните права, но и во Македонија, сплотени како едно семејство, се работи посветено веќе 20 години за ТОПОЛ ДОМ И ГРИЖА ЗА СЕКОЕ ДЕТЕ заедно со донаторите и поддржувачи на „СОС Детско село“.