Изгледи за светската економија во годината на свињата од Andrew Tylecote, почесен професор по економија на Универзитетот Шефилд

Добивај вести на Viber

Професор Andrew Tylecote предава Бизнис економија на Постдипломските студии за бизнис администрација за извршни позиции (ЕМВА) на Универзитетот Шефилд


Според кинезите 2019 е Година на свињата. За нив свињата како животно симболизира среќа и напорна работа, што влева доза на оптимизам. Па, сепак ќе претстои многу напорна работа за оваа година, но изгледите за среќа се делумно субјективни. И некои од тие облаци кои го поматуваат оптимизмот се баш кинески...

Клучот за просперитетот е решавањето на долговите: тешко е да се натераат компаниите и поединците да потрошат многу, а особено да инвестираат многу, без зголемување на нивните долгови, што е и основниот причинител за ултимативен распад. Проблемот со долгувањето е тоа што по одредена точка, оние за кои се сметало дека е безбедно да позајмуваат, веќе позајмиле онолку колку што може да си дозволат. Потоа, сите дополнителни кредити најчесто се даваат кај барателите на кои мудрите банки не би им позајмиле во реална ситуација. Ова се применува и на национално ниво, но и меѓу државите. Осумдесеттите години се нарекуваа Изгубената декада во земјите од Латинска Америка, бидејќи во седумдесеттите бизнисите и владите позајмувале големи суми од ново-збогатените производители на нафта од Блискиот Исток, кои не можеле во тој момент да најдат ниту еден посоодветен барател за да му позајмат средства. Во одреден момент должниците станале речиси несолвентни и мораа да поминат една деценија и повеќе исплаќајќи ги своите долгови.

Најјасен знак дека овие земји им претстои проблем е нивниот дефицит на платниот биланс на тековната сметка: трошеле (на увоз) многу повеќе отколку што заработувале од извоз, а голем дел од таа разлика станала дополнителен долг. (Во раните 2000-ти години на моите грчки студенти им укажував на масивниот дефицит на тековната сметка што ја имаше нивната земја, и ги прашав колку време мислат дека тоа може да продолжи. Ако Грција има многу среќа, ќе загуби само една декада во ситуацијата којашто ја снајде.)

Добрата вест е дека ваквите дебаланси на платниот биланс се сега поскромни отколку што беа. Се до падот на цената на нафтата во 2014-2015 година, голем број производители на нафта имаа масовни вишоци, далеку повеќе од она што можеа да го потрошат, додека многу увозници на нафта беа "ограничени на платниот биланс" поради високата цена на нафтата. Кина, Јапонија и Германија, исто така, имаа многу големи вишоци. Соединетите Американски Држави беа едни од оние што исто така имаа голем дефицит на тековната сметка. Американската влада дури и тогаш беше доволно сигурна за прием на заеми, но за жал имаше други американски позајмувачи кои не беа во истата позиција.

Потоа следеа нафта и гас од шкрилци, главните причинители за падот на цената на нафтата. Сега дефицитот во САД е значително помал, а американската економија е подобро избалансирана: Висока цена на нафтата? Производителите на нафта и гас трошат многу на инвестиции. Ниска цена? На американските потрошувачи им остануваат повеќе пари во нивниот паричник кои можат да ги потрошат откако ќе ги наполнат нивните резервоари. САД сега можат да се осврнат на десет годишен стабилен раст, сѐ уште без знаци на рецесија. Економијата на САД треба да биде во можност да ја преброди незначајната расправија со Кина. Се разбира, извозниците на нафта имаат помали вишоци, доколку и ги имаат воопшто. Истото важи и за Кина и Јапонија.

Најлошиот проблем моментално се наоѓа кај втората по големина светска економија, Кина. Последниот голем пад, од 2008-2009 година, ни помага да ги разбереме моменталните проблеми на Кина. САД имаше насобрано планина од долгови, интерно, главно Американци кои позајмуваат на Американци. Кризата, предизвика шокантна рецесија, но барем истата заврши со помала планина од насобрани долгови отколку порано. Кинезите, исто така, имаа планина од долгови - не толку голема - но за да избегнат да се достигне американско-западната рецесија, кинеската централна влада вложи се што имаше во својата економија. Тоа значи, тие ги убедија претставниците на локалната самоуправа и претпријатијата во државна сопственост да трошат без разлика на се – само да трошат. И да позајмуваат според потребите. Па сега нивната планина од долгови може да се спореди со онаа на САД од 2008 година. Тие едвај можат да го достигнат и сценариото на САД од 2009 година. И, ако Кина не може да склучи економски мир со САД... Да се ​​надеваме дека втората "свиња" има добри нерви.