Јасмина се грижи за Ана и Јана како да им е биолошка мајка: Искрено со Миле Кузмановски

Добивај вести на Viber

На концертот на 15 февруари во А1 арената, на Миле Кузмановски ќе му се направи меракот да запее со двајца свои драги колеги, Наум Петрески и Мирослав Илиќ. „Омилена песна од Наум ми е „Еј свирачи“, ни раскажа фолк-пејачот.

Минатото лесто, тој снимил три нови песни, и веќе има материјал за цел нов албум. „Чекам уште некоја добра песна да ми улета и да го спакуваме сето тоа како што треба. Сакав пред осми март да излезе албумот, но нема да стасам. Нема да се врзувам со датуми, ако ветиш, треба и да оствариш“, вели пејачот кој три години по ред одржуваше концерти во Универзална сала, токму во март. Последниот беше во 2012 година, и вели дека многу му недостасува оваа сала, и откако не е во функција, нема желба за слични настапи. Традиционалните концерти во тоа време, беа врзани за роденденот на неговата покојна сопруга Вера, која по долго боледување почина во ноември 2012 година.

Близначките на Миле, Ана и Јана сега имаат 15 години. И двете се одлични ученички во средното Медицинско училиште. „Тие не ја слушаат мојата музика. Но, веројатно со годините и со зрелоста ќе сфатат дека и оваа музика има вредност. Знам да им пуштам по некоја моја песна, да кажат, ова е добро или, но тие се техно генерација, слушаат електронска музика“, раскажа пејачот низ насмевка. По смртта на сопругата, тој за приватниот живот малку зборуваше во јавноста. И сега вели дека на социјалните мрежи не става приватни фотографии, а најмногу ги користи за објави за неговите настапи.

Пред две ипол години, на пејачот кој е еден од омилените кај домашната публика и на неговите ќерки, среќата повторно им се насмевна. Миле и неговата сегашна сопруга Јасмина Трајковска, ја добија ќерката Ева, која сега има две ипол години.

„Има неверојатна љубов помеѓу сестрите. Се гушкаат, се бацуваат, се чуваат. Јасмина и јас се разбира најмногу се грижиме за неа, но сестрите многу помагаат“, ни откри Миле. За неговата втора сопруга, тој вели дека ќерките одлично ја прифатиле.

„Тие три се како другарки. Ана и Јана одлично ја прифатија Јасмина затоа што сфатија дека е личност која ќе се грижи за нив како да им е биолошка мајка. Одат заедно на кафе, одат на шопинг, шетаат со Ева кога јас не сум дома. Додека беа помали, таа им помагаше многу околу учењето, сега веќе во средно училиште е друго, затоа што ние не знаеме многу од материјалот од стручните предмети. Но, ете, притискаме и јас и таа да учат, да станат свои луѓе, кога ќе пораснат да не зависат од никого“, вели Миле за својата сопруга и за ќерките.

Фолк пејачот кој е секогаш скромен и ненаметлив е многу горд на своите ќерки и на сопругата која е социјален работник по професија и работи во Црвен крст.

„Таа е многу приземна личност, голем работохолик, вредна многу. Серизоно се посветила на образованието, била студент со многу висок просек. Има работено во УНДП, во Министерство за земјоделие, го има одновано СОС детското село, беше таму директорка долги години. Потоа имаше организација која ги штитеше правата на децата за време на бегалската криза, и тоа го менаџираше успешно. Таа е добар педагог, знае со децата, затоа што долги години работела со деца“, раскажа Миле за Женски магазин. 

По сите тажни работи што му се случија изминативе години, Кузмановски низ насмевка вели дека сега му се наместиле сите коцки.

„ По се што ни сѐ случи, сега сме добри, некако се наместивме. Си ја бркаме секој својата работа, секој своите обврски, но јас како татко треба да трчам и да се борам за сите нив да живеат полесно и понормално. Сега малку се сменија работите. Не отсуствувам толку често од дома како порано. Кога немам обврски и настапи, сакам повеќе да сум дома. Веројатно како што старееме, некако стануваме побавни. Сигурно дека им е тешко кога сум отсутен, и мене ми е. Кога знаеш дека сите се дома, а ти мораш да пееш, но ете утредента гледам тоа да го компензираме. Одиме некаде на ручек, ќе ни дојдат гости, одиме на гости“, зборува Миле за времето поминато со семејството.

Миле Кузмановски со многу приказни и песни во живо ќе го гледаме во Еден на Еден кај Жаре, на 2 февруари на Канал 5, од 18.30.

Милица Џаровска

Фото: Приватна архива