ЈАВНО ЗАПРОСУВАЊЕ: Храбар потег или уништување на интимата?

Популарниот пејач и автор Димитар Андоновски пред неколку години јавно ја запроси својата девојка Христина на хуманитарен концерт во Битола. Пред неколку години на „Златна бубамара на популарноста“, актерот и водител Сашко Коцев падна на колена во Универзална пред неговата долгогодишна девојка. Во улога на Аладин пеејќи ја песната „A whole new world“ во дует со Каролина Гочева ја запроси саканата пред неколку илјадна публика. Пред целата македонска јавност во ударен термин, новинарот на „Сител“ Александар Спасовски ја запроси колешката Славица Арсова, уредник и презентер на вести. Водителот Иван Лазаров, пак, прстенот го извади на плоштадот Македонија придружуван од 120 танчари од балетското студио „Еурека“.

Веќе подолго време, јавните запросувања се тренд меѓу познатите на овие простори за разлика од ѕвездите од светскиот шоу-бизнис кои дури и венчавките ги одржуваат во тајност. На домашните форуми постојано се дебатира за овој феномен, а мислењата се поделени. Патетика, храбар потег, интимен чин или романтична претстава за широк аудиториум се најчестите формулации на оваа тема. Многу социолози и психолози се согласни дека трендот на изразување љубов на отворена сцена не соодветствува со нашето културно поимање на бракот. Ако веќе на таков начин се банализира интимниот чин, тогаш зошто сè уште нема и јавно разидување, прашуваат тие.


Универзитетскиот професор, социологот Илија Ацевски, во една прилика објасни дека станува збор за егзибиционизам и во крајна линија непотребен притисок врз личноста која треба да донесе важна животна одлука. Тој смета дека кај познатите личности ова дополнително доаѓа до израз, бидејќи станува збор за веќе афирмирани лица.

- Без разлика дали во приказната се инволвирани пејачи, актери, спортисти или политичари, тоа значи дополнителна популарност која подразбира повеќе простор во медиумите. Ако ги анализираме работите во крајност, тоа е исто кога ќе побарате некој предмет да го купите, да го набавите по одредена цена, најчесто повисока и за тоа мора да дознаат сите околу вас. Тоа глумење на јавна сцена ја уништува сентименталноста – истакна Ацевски. Ѓ.С.