„Каде обичниот човек, сиромашниот човек, желен за мали мигови на среќа, станува дим“...

Добивај вести на Viber

Нашите романи

Не, не , не и не, овие години ништо не промениле. Вели еден дел од една строфа на веќе поранешната наша ДНК. И збор од уста не излегува , срце полно со рани и во душа празни романи.....

Камо да беа празни. Камо да останеа празни листови но романите се напишани и се пишуваат сите овие 35 години и тоа во најлош жанр. Каде обичниот човек, сиромашниот човек, желен за мали мигови на среќа, станува дим, едно големо ништо , како црн дим што исчезнува и се претопува во загадениот воздух што го дишеме . Можеби малку ќе се прочисти тој воздух што заедно со болката не пече во грлата и зборовите се потешки од врел костен ..Како парче жар што не може ни да се голтне ни да се плукне надвор. Душите на нашите маченици кои како црн дим заминаа на небото ќе бидат за жал нашата најчиста состојка што ќе ја вдишиме, иако мириса на гареж, боли како откинато месо.

Романи во кои пациенти горат во болници, во автобуси со фалсификат технички сертификат. Роман во кој животот на човекот е најбезвреден. Роман кој треба да го фрлиме да изгори во каминот , но совеста не тера да го чуваме и за жал тој да ни биде водилка во животот како аманет од жртвите. Нешто да промениме. Да се обидеме! Мораме !

А ако утре не нема еј, да оставиме празна тетратка , бели листови на кои ќе почнеме да пишуваме многу подобар жанр. Љубовен роман, роман за солидарност, за хуманост, за колективна свест каква што ја покажаа младите момчиња како Јован, кои добро знаат дека 5 спасени животи вредат повеќе од сопствениот. Од тој дел нека почне нашиот нов роман, да го маркираме со црвени и големи букви.

А како ли нови врати ќе отвориме? Кога ќе ги затворите старите и под катанец ќе ги ставиме сите режисери на овој наш црн и стравичен роман.

Те сакам, фала, извини ....Нека биде тоа водилка и мотив за сите нас кои во иднина треба да напишеме еден нов и поубав роман. Да направиме наше ново сценарио каде оваа регионална депонија ќе ја направиме во цветна градина од семето на храбрите деца кои загинаа и го дадоа животот во моменти на хуманост .

А верата надежта и љубовта се нешто што треба да се столб на нашата вера. На нашиот код. Ја имаме само љубовта. Верата и надежта изгореа во огновите. Од која почва да ги набереме и да ги насадиме во нашите дворови ? Ова срце знае се, ако те изгубам тебе и себе ќе нема утре за тие што ќе дојдат после нас. Животот е краток но доволно долг да го насадиме семето на нашите маченици во нашите пусти градини и од тоа семе еден ден да никнат и вербата и надежта. Но ќе мора да почекаме пепелта да падне на земјата и да го видиме патот кој не води до светлината. Ако успееме да напишеме таков светол роман , смртта на ангелите од Кочани нема да е залудна. А ако не го направиме тоа , ќе ги запалиме уште сто пати а ние ќе останеме во средината на тој оган во надеж дека тој пламен нема да не потфати.

Да си подадеме рака, да направиме круг во кој веќе нема да дозволиме никогаш духовите од минатото да ни го земат пенкалото, со кое треба да напишеме еден нов, многу поубав роман ... Љубовен, романтичен, роман во кои сите сме браќа, сестри , другари , како од една мајка родени .....Како од едно семе зачнати....

22.3.2025

За моето сакано Кочани 

Од страницата приказни од булеварот