Како да топите масти и да добиете извајано женствено тело за лето: Светлана Петровска професионален фитнес тренер има корисни совети за вас

Добивај вести на Viber

 Во последно време актуелен е правилниот начин на исхрана. Граѓаните се освестуваат дека подобро здравје ќе имаат ако внимаваат како се хранат и каков начин на живот водат, а кај нас актуелни се и нутриционистите и професионалните тренери и експерти од таа област и кои на стручен начин ќе ве упатат во сферата на здравиот и правилен начин на живот.

Денеска, експерт од областа на здравиот начин во нашето интервју гостинка е Светлана Петровска. Таа е персонален тренер и основач на платформата „Подобри се“. Со неа денес разговараме за теми кои се актуелни а ќе ви бидат од корист.

*Многумина те познаваат, и слушнале за Светлана Петровска, ако не како актуелен персонален тренер тогаш како некогашен фитнес модел. Раскажи ни како почна твојот интерес за фитнесот, и што те наведе да ја избереш професијата професионален тренер?

-Љубовта кон фитнесот беше љубов на прв поглед. На 14 години прв пат влегов во теретана и никогаш не престанав да вежбам. Дополнително во овој начин на живот ме внесе и мојот сопруг Мирко кој ми го предаде целото свое искуство и знаење. Задоволството на клиентите по постигнатите физички и ментални трансформации ме исполнуваа и тоа беше пресудно за да одберам ова да биде ова моја професија.


*Неодамна ја покренавте платформата „Подобри се“ – раскажи ни нешто повеќе околу тоа – кои се целите на истата?

-Со појавата на Ковид19 и со повеќе месечното затворање на фитнес центрите, бевме приморани да се прилагодиме на новонастанатите услови доколку сакаме да ‘преживееме’. Актуелно стана вежбањето дома, онлајн тренинзите и мислам дека токму овој период и брзото прилагодување на новиот начин на работа мене ме направија  посилна, посамуоверена и посвесна за тоа колку други опции постојат преку кои можам да го искористам моето знаење, искуство и желба за напредок.


Уште тогаш се роди идејата за ‘Подобри се’ како проект, меѓутоа сметав дека ми треба уште време да соберам доволно искуство преку онлајн тренинзите кои многу интензивно ги работев изминативе две и пол години. Увидов кои вежби или комбинации на вежби даваат најдобри ефекти, кои вежби се најбезбедни за изведување во домашни услови и со кои вежби најбрзо се подобрува целокупната кондиција на телото.

Podobrise.mk е онлајн фитнес платформа во која се вклучени две нивоа на тренинзи, вклучени се тренинзи со кои се опфаќа цело тело, со акцент ставен на делови на телото кои се најпроблематични кај жените. Тренинзите се кратки и ефикасни, и не е потребна никаква опрема за вежбање.

Дополнително, освен вежбите во програмата има и 4 неделно мени, со брзи и лесни оброци и рецепти за нивно подготвување и пресметани нутритивни вредности. Ова многу ќе го олесни процесот на слабеење или постигнување на посакуваните цели.

Со “Подобри се” жените ќе топат масти, ќе го обликуваат своето тело и ќе добијат извајано женствено тело.


*Што мислиш за фитнес сцената во нашата земја, мислиш ли дека користите од здравиот живот се потценети на некој начин?

-Мислам дека сега луѓето се свесни за придобивките од редовната физичка активност и здравиот начин на исхрана. Порано повеќе беше присутно вежбањето пред одмор. Сега вежбањето е дел од секојдневието на поголемиот дел од нашите граѓани.

*На кој начин ги тренираш своите клиенти, и што им советуваш најчесто?

-Пристапот према трeнингот на секој клиент е различен и зависи од многу фактори. Најпрво работиме на рехабилитација од повреди (доколку ги има), на зајакнување на слаби точки како последица на долго седење, стоење и слично, па работиме на зацврстување на целата мускулатура што понатаму им овозможува, освен што ќе изгледаат и што ќе се чувствуваат убаво, без проблем да ги извршуваат секојдневните обврски. Најчест мој совет е да се задржи континуитетот во вежбањето и да се придржуваат кон правилниот и здрав начин на исхрана, без да станат робови на истата.

*Често луѓето се жалат како иако тренираат, на себе не гледаат резултати. Зошто тоа е така и каде најчесто грешат?

-Најчесто тоа е резултат на неправилен начин на тренинг и лош начин на исхрана. Зависно од целта која треба да се постигне, се избира видот на тренинг, вежби или комбинации на вежби, се одредува должината на паузата, честотата на тренирање и слично и сето тоа мора да се искомбинира со правилен начин на исхрана за да се постигнат посакуваните резултати.


*За колку време може да се забележи разлика во изгледот на телото доколку се вежба редовно и се внимава на исхраната?

Доволни се 3-4 недели за да се забележат првите резултати. Но, вежбањето не е само за изгледот на телото. Со вежбањето се лачи хормонот на среќа, па секој кој вежба негативната енергија ја троши на тренинг и си оди полн со енергија и елан и полесно ги извршува домашните и работните обврски.

*Дали според твоето мислење граѓаните се хранат правилно и каква исхрана е најдобра кога активно се тренира?

-Генерално мислам дека сега повеќе се обрнува внимание на правилниот начин на исхрана. Кога активно се тренира најважно е да се внесуваат балансирани оброци богати со протеини, јаглехидрати и здрави масти. Редовната исхрана е многу важна и внесувањето на доволно количество на вода во текот на денот.

*Летото е пред нас. Девојките веќе почнаа да размислуваат за тоа како да намалат килограм повеќе, да направат рамен стомак, држејќи често исцрпувачки диети кои на крај нема да им го донесат посакуваниот резултат. Што советувате Вие во поглед на летото – како да го подготвиме телото најдобро?

-Редовната физичка активност и мали чести здрави оброци се мој најчест совет. Не поддржувам исцрпувачки диети бидејќи тие никогаш не носат добри резултати на долг рок. Едноставно е, помалку калории треба да се внесат, а повеќе да се потрошат за да настапи процес на слабеење. И тоа не се случува преку ноќ. Трпение, континуитет и истрајност.

*Како изгледааат твоите оброци? Што е важно да се има предвид кога се внимава на тежината?

-Тие што ме следат на социјалните медиуми знаат како изгледаат моите оброци. Често знам да постирам некој рецепт за оброк или смути со цел да дадам идеја и да олеснам некому бидејќи сите ние често сме во недоумица што да зготвиме. За доручек најчесто јадам овесни снегулки во комбинација со јогурт и шумско овошје. За ручек задолжително има месо или риба со зеленчук, а вечерата е полесна-салата со јајца/ туна или само протеински шејк. Здравите ужинки како некое сезонско овошје или јатки ги јадам помеѓу оброците. Внимавам никогаш да не пропуштам ни еден оброк ни ужина. Токму тоа е важно кога се внимава на тежината.

*Гладување и изгладнување – како ова влијае на телото и килограмите?

-Можби на прв поглед после гладување ќе настапи намалување на телесната тежина, НО скоро секогаш тие килограми што се намалиле па и дупло повеќе ќе се надокнадат за кратко време кога ќе се вратиме на секојдневна исхрана. Гладувањето за мене значи и забавување на метаболизмот и спротивно од она што јас го препорачувам – чести мали оброци кои го забрзуваат метаболизмот. Кога метаболизмот е забрзан телото троши повеќе калории за извршување на основните физиолошки функции.


*Колку килограми има Светлана и Дали некогаш си се борела со вишок килограми во животот?

-Моментално имам 57кг. и обично варирам од 55 до 58кг. Не сум се борела со вишок килограми бидејќи цело време сум активна и внимавам на тоа што го внесувам. Не велам дека јас никогаш не јадам пица или десерт. Се јадам, но умерено и не често, при тоа вежбам редовно и досега не сум си дозволила да преминам некоја граница за потоа да има потреба да се борам со вишок килограми.

Сепак како мотивација за тие што во моментов се борат со вишок килограми, би кажала дека се е можно и возможно. Дури кај оние луѓе кои имаат поголем вишок на килограми, со правилен начин на исхрана, слабеењето оди многу побрзо отколку кај оние кои имаат 3кг или 5кг вишок на пример. Потребна е волја, мотивација и доколку има потреба слободно побарајте помош од стручни лица во оваа битка.

*Можеш ли со нашите читатели да ги споделиш твоите здрави навики и што те прави среќна, дали имаш некој совет со кој сите ќе посакаат да започнат здрав начин на живот, како да истраат во остварување на фитнес целите?

-Еве во однос на исхраната најпрво би ги советувала да ја одбираат храната која ја носат дома. Доколку дома немате чипсови и чоколадо, нема да јадете. Наполнете го фрижидерот со зеленчук и овошје. Правете големи салати, а другиот дел на оброкот нека биде помал. Не прегладнувајте! Доколку не јадете подолго време, кога ќе седнете на маса сигурно ќе изедете повеќе од тоа што треба. Чести мали оброци, смислени и испланирани од претходниот ден. Само така нема да се најдете во ситуација да немате здрав оброк, па да јадете брза храна. И вежбајте. Чувството после тренинг не може да го опишам, треба да го почувствувате. Задоволството дека правите нешто за себе, адреналинот и енергијата со која ќе се наполните е нешто што ќе ве мотивира да вежбате пак и пак.


Ирена Ставрова