Вистинската убавина нема возраст, бои или трендови. Убавина може да најдете во Африка или во Европа, во село или во облакодер, во насмевка, во гест, во интензивн поглед, во некои брчки или во приказна. Вака минатата година романската фотографка Михаела Норок го опиша својот проект „Атлас на убавината“. Фотографирајќи секојдневни жени на различни континенти нејзината цел беше да покаже дека секоја жена сјае како ѕвезда, бидејќи, како што нагласи, убавината е разновидност, а не само она што го гледаме во медиумите. Сличен став за убавината имаат и познатите Македонки. Иако, условно кажано, се од другата страна на приказната и јавноста најчесто ја „консумира“ нивната физичка убавина, тие се едногласни дека истата е релативна и минлива.
Познатата пејачка Викторија Лоба смета дека убавината е една од најсубјективните и најпроменливите категории воопшто.
- Она што само пред неколку години се сметаше за еталон на женската убавина и атрактивност, денес може да се доживува како несоодветно или неприфатливо. Сите сме посебни и убави на наш единствен и уникатен начин. Убавината на секој човек ја гледам во специфичноста и оригиналноста што секој од нас ја носи во себе – објасни Лоба за магазинот „Убавина и здравје“.
За популарната водителка и една од највлијателните македонски жени на социјалните платформи, Лила Стојановска, убавината е во очите на набљудувачот и според неа не постои универзална убавина.
- Изгледам онака како што сакам и како што мислам дека треба да изгледам. Годините се само бројка, а духот и волјата за живот се она што се гледа на нашето лице. Лицето и очите никогаш не лажат. Духот е тој што ни ја одредува возраста, а не годините – изјави таа неодамна.
И македонската поп-дива Калиопи секогаш во своите излагања нагласува дека душата и насмевката се репер за сечија убавина.
- Немав време да размислувам за годините и не дозволив детето во мене да замре. Не ми е важно дали со некој грч или насмевка ќе си предизвикам брчка, сметам дека тие треба да говорат за болката или радоста на животот – изјави во едно интервју.
Ѓ.С.