Калина Велковска: Од придружен вокал на Калиопи на Евровизија до еуфорија на музички натпревар во Бугарија

Добивај вести на Viber

Пред неполни два месеци, нејзината моќна изведба на песната „This World“ од Села Сју на бугарскиот музички натпревар „The Voice“ беше едно од најсподелуваните видеа на социјалните мрежи, и сè уште се споделува. Но, музичката приказна за талентот на КАлина Велковска не започна на бугарското талент-шоу.  „Музичкото минато ми е шарено ко виножито. Соодвествува со сите бои кои ми стануваа омилени во музиката а, затоа што сакав да доживувам додека учам, добро се прошетав низ жанрови, луѓе и места. Од класичната музика во училниците нанижото музичко училиште и детските хорови, преку партизанската алтернативна култура (Steel Temple, The Lady Said No) низ скопските гаражи до бината на Виенскиот Бал во Скопје и Евровозиската во Стокхолм како придружен вокал на Калиопи со „Дона“. Од помалите и поголеми турнеи со авторксите бендови (La Colonie Volvox, Autmind, MusaiQ...) во и вон државата, или учество во разни авторски проекти и соработки (Infuse, Fin Project, Fеmme Fatale, Шарена Банана, Bramha Trio…) нарација, надсинхронизација и музика за реклами, снимање придружни вокали за наши артисти и бендови (Next Time, Sarah Mace, Foolish Green…) и продавање мелодиски линии, до музика за филм, до започнување на самостојни проекти (Kaly, Kaly’s Music Challenge)..и сето тоа пропратено со константни настапи во живосо многу од локалните кавер составикако редовен член или соработник (Woodstock Tajchi, Lady’s Out, Примордијана Манџа, Vagablonde, Контраплан, Latin Salsa,House Masters, Swingers, Session Selection...) Сѐ, за бината и на бината“, вели Калина за своите почетоци.

Нејзиното појавување на натпреварот во Софија, таа го нарекува Repetitio mater studiorum est „ Појавувањето на бината во Бугарија е последица на клишетонаречено „откривање“. Не отидов да се пријавам, туку тие дојдоа и ме најдоа. На еден од регуларните настапи со мојот бенд Мјузаик (MusaiQ) се појави дел од нивниот тим, се воодушевија и ме поканија. Но, поради долгогодишното искуство во бизнисот кое оправдано го има наметнато скептицизмот кај мене, требаше убедување за да прифатам“, раскажа талентираната пејачка за Женски магазин.

Последниот нејзин настап кој беше снимен уште во месец декември пред публика во Софија, допрва следи. Следната фаза „Нокаутите“ започнува на 10мај, а Калина ќе ја гледаме набрзо по тој датум. Поради коронавирусот, музичкиот натпревар сега е стопиран, а на прашањето имаат ли информација кога ќе продолжи, Калина вели: „ И ние натпреварувачите добиваме изненадување, секоја наредна фаза со дознавање на датумите во 5 за 12. На луѓето од мојата фела кои живеат на и од бината, кога ќе им зададеш домашно и кажеш истото да го презентираат на бина, реагираат рефлексно затоа што им е втора природа. Ниеден активен музичар – изведувач не се вознемирува на истиот начин со детали ко што го прават тоа оние кои не се секој ден на сцена и тоа само затоа што веќе ги има испраксирано.Ова го потенцирам најмногу затоа што ми се потврди откако започна вонредната состојба, прекина животот на сцена и пост поголема пауза требаше да настапам со бендот, а нѝ беа одземени условите за правење проба“, ги опишува Калина своите чувства во времето кога настапите во живо се на пауза. На интересен начин, таа ја опиша еуфоријата која се создаде кај жирито и кај публиката во Софија која ја пееше „This world“.

„Еуфоријата и доживувањето беа поинакви за оваа прокарантинска Калина од онаа која вие ја запознавте на настапите во Бугарија. Да бидам искрена, реакцијата од публиката и жирито ги надмина моите лични очекувања. Бев луцидно жедна за нови луѓе, а сепак многу одмерена и комфорна во процесот. Реакцијата на присутните беше идеално гориво во акција-реакција системот. Колку повеќе реагираа толку полесно враќав, а сѐ заврши за миг.  Тимот на Гласот на Бугарија се труди да нѐ одржи будни и анимирани во текот на целиот овој период иако и самите за првпат во историјата на шоуто се соочуваат со вакво нешто. Ние натпреварувачите имаме илјада прашања на кои тие не се во состојба да нѝ одговорат затоа што и самите се во прашалници и воопшто не им е лесно. Но, сигурна сум дека ќе постапат коректно и тимски како што тоа го правеа досега. Следува голема неизвесност иницирана од две страни. Првата од самиот концепт на шоуто: кој ќе продолжи на „концертите во живо“? И втората од одлуката и мерките на надлежните органи: дали воопшто ќе се одржат на планираниот датум и ако се одржат, како ќе изгледа сето тоа?“, вели Калина и се прашува:

„Ако имам среќа да продолжам понатаму, којзнае на каква процедура ќе бидам изложена. А, тимот предупреди и на најлошото сценарио за оние кои доаѓаме надвор од границите на Бугарија, дека постои можност за целомесечен карантин: 14 дена таму и 14 дена на враќање во сопствената земја. Додека не запеат институциите нема ни ние“.

Со оглед на фактот дека влегла со голема доза на скепса во целава оваа авантура како што вели, музичарката учи да го признае и да го прифати фактот на пријатно изненадена.

„ Отсекогаш велев дека музиката не смее да се гледа како натпревар небаре сме дресирани коњи спремни за трка, ниту пак треба да се расправа за вкусови како крајно субјективна тема. Не треба да се ставаат узди на уметноста. Таа постои за наше задоволство и никој нема право да му налага или суди на другиот во што ужива. И затоа што во ова влегов сега во оваа доба од животот, возрасна и прилично свесна, доживеав поинакво наравоучение. Не се натпреварувам со другите. Да можам би сакала да сум мачка со едно 9 животи за да имам време во тркава сѐ да испробам,  толку колку што го правам тоа со себе. Се натпреварувам со сопственото искуство, компромиси, граници, трпение, истрајност и желби. Галамата во главата се засили и резултираше со креативна мигрена. Организирањето на хаосот од неа, потраја подолго од што сакав но, ако се изреализираат замислите, ќе потрае благодетот од дејството на аналгинот. И како логична прогресија на новонастанатите околности беше да се посветам на креирање алтернативно решение на проблемите на овдешниот уметник под наслов Music Saves (Музиката Спасува) А, за неговото дали, како, што – многу скоро и детално “, раскажува Калина за она што го научила за време на кризата која ја донесе коронавирусот и како и поминуваат карантинските денови.

Талентираната пејачка за себеси вели дека нема очекувања дека ќе стане популарна ѕвезда, надоврзуваќи се на многу пејачи започнале на музички талент-шоуа, а популарноста им траела само за време на шоуата.

„Да сакав да бидам „популарна ѕвезда“, најверојатно ќе донесев други одлуки кога бев помлада. Да, сакам да бидам чуена и препознаена од колку што е можно повеќе луѓе но, од правите причини. Затоа што имам што да кажам а, некој тоа сака да го слушне. Ако лажам додека сум на сцена, она кое го говорам нема вредност и брзо ќе биде заборавено. Затоа мора да е мое. Најверојатно ова е причината за краткиот рок на нечии кариери. Приморани да говорат туѓи зборови на туѓ начин и наметнати околности е лушпата од бананата од која се лизгаат. „Гласот“ може да биде последниот клуч од привезокот кој ќе ја отвори бравата, а можеби ќе биде само стабилен камен во реката за безбеден премин од другата страна. Не сум јас таа која ќе каже. И јас ќе чекам со вас да видам“.

За крај, Калина на интересен начин се опишува себеси како личност.

„Јас сум или мајка или паљачо. Кога велам родител не мислам на сопствениот челад, затоа што таа приказна уште не е напишана но, јас изразнав во несекојдневно семејство во кое судирот на генерации беше значително голем и од мали нозе ми беше доделена улогата да водам сметка за другиот, па однесувањето према ближните во домот си го понесов во односот со ближните надвор од него. Паљачо, затоа што хуморот ми е како исплезена слика од Пикасо, штрокав и повеќето од времето не знаеш што да правиш со него. Визуелно вербална, целосно фасцинирана од изгубените битки со човекот и потребата да го разберам и задоволам. Љубам да се радувам со други и да се радувам додека љубам да живеам. Не ми се расте, затоа што не ми се умира, ама душава одамна ми крцка пензија“.

Милица Џаровска