Катаракта – што е и како се третира?

Добивај вести на Viber

Сте запрашале ли што значи кога некој ќе каже дека гледа како да има перде, односно завеса пред очите?
 
Како што се одвива природниот процес на стареење на целиот организам, така старее и човечкото око и настануваат проблеми со видот. Ако вашиот вид почне да се заматува, светлите бои ви се побледи и нејасно гледате особено навечер, тоа може да е предзнак дека вашата природна леќа полека се заматува и се формира катаракта (перде). Таа може да биде и вродена, да настане како последица на траума, метаболички болести, примена на одредени лекови, висок притисок и сл. Најчесто се појавува по 60-тата година, но може да се појави и кај помлади лица.

За разлика од одредени очни болести, катарактата не може да се третира со примање на терапија како капки, маст, таблетки или да се решава со вежби за очи. Единствен начин на кој може да се острани е со хирушка интервенција односно со светски познатата ФАКО метода, со која се прави мал рез во самото око и со помош на ултразвук се остранува природната леќа и се вградува нова интраокуларна леќа. Станува збор за безбедна и кратка интервенција, која се прави со локална анестезија.

Во денешницата, со операција на катаракта се остранува и диоптрија.Интраокуларните леќи се најсовремените импланти за очи со кои освен што се остранува заматената леќа, се корегира и диоптријата. Така, за пациентот има двоен бенефит – јасен, чист, колоритен вид без диоптрија. Има повеќе видови на интраокуларни леќи и нивниот избор зависи од желбата на пациентот и анатомијата на окото, што се утврдува врз основа на прегледот. Класичните интраокуларни леќи се монофокални леќи, кои, како што самото име кажува, имаат еден фокус и овозможуваат после операцијата да гледате добро далеку без очила, но мора да носите очила за блиску (или обратно, зависи од вашата желба за вид). Монофокалните леќи може да бидат дизајнирани и како торични леќи, така што освен што се корегира диоптријата за далеку, се решава и астигматизмот (цилиндерот).

Со напредокот на технологијата, се развија и мултифокалните интраокуларни леќи кои имаат 2 или 3 фокуси. Најновата генерација на мултифокални леќи се трифокалните леќи, кои освен што добивате добар вид на близу и далеку, овозможуваат и добар вид на средна далечина, што е многу значајно за пациенти кои многу време работат на компјутер. Со помош на овие леќи, ќе можете без очила да читате весници и книги, да се бричите или шминкате, да гледате во телефон, да работите на компјутер, да гледате ТВ, да возите автомобил, да се бавите со спорт и да ги обавувате вашите секојдневни активности.


Автор: Д-р Златко Арнаудовски, офталмохирург

ПЗУ Систина Офталмологија