Катарина Миловановиќ од српската „Прва Телевизија“ сними документарец за Тоше во Македонија: Сите соговорници плачеа

Добивај вести на Viber

Многу емоции, солзи, смеа, радост и тага. На овој начин новинарката Катарина Миловановиќ од српската „Прва телевизија“ ја опишува атмосферата на средбата со соработниците и пријателите на Тоше Проески. За потребите на документарниот филм посветен на легендарниот пејач, таа со својот тим претстојуваше една недела во Македонија. Ги посети Скопје, Крушево, Битола и Охрид и разговараше со голем број познавачи на ликот и делото на легендарниот пејач.


- Чест ми е што имав можност да запознаам луѓе кои биле блиски со Тоше и што имав можност да ги посетам сите места коишто се поврзуваат со него. Ги посетивме Скопје, Битола, Прилеп и Крушево и на секое од тие места за него се' уште се зборува и се чуваат сеќавањата. 


Едно е сигурно, луѓето што го познавале, а и тие што не го познавале, секогаш ќе се трудат тие спомени да не избледат. Имаше многу смеа, тага и солзи. Дефинитивно Тоше бил еден млад човек кој бил полн со живот и кој несебично ја делел својата добрина со другите, тоа го сфатив од разговорот со луѓето коишто му биле блиски – вели Миловановиќ и дополнува дека иако поминаа многу години, неговите најблиски секогаш со задоволство ќе зборуваат за него.


- Така беше и кога ние бевме во Македонија. На многумина им беше тешко кога се вклучија камерите. Плачеа, некои немаа сила да го завршат интервјуто до крај. Неговите најблиски ги чуваат неговите слики во собите. Ги чуваат работите што тој им ги подарил. Некои дури и не сакале ништо да менуваат во собите кадешто бил тој, за сѐ да ги потсетува на него. Ова е само дел од она што наскоро ќе можете да го гледате на Прва телевизија во емисијата „Експлозив“ – најавува новинарката.


За Тоше Проески зборуваа авторите Григор Копров, Огнен Неделковски и Александар Митевски. Мејк ап артистот Александар Билјановски – Дадар, новинарката Марија Таушанска Анастасовска, првиот човек на „Златно Славејче“ Бобан Јосифовски, пиарот на фудбалската федерација Златко Андоновски, Драган Ѓуровски – Роки од „Бендот на Тоше“. Свои сеќавања споделија и братучедот на Тоше, Наум Капричевски, кој е дел од Ултрамаратонот, Стерули Штерјовски и уште многу пријатели на легендарниот пејач.


С.А.Н