Ќе им помагаме на луѓето кои живеат во тешки услови: Снеже Велков се враќа на ТВ

Добивај вести на Viber

Снеже Велков, која пред неколку години се повлече од медиумите и стана пилатес инструкторка, повторно се враќа на ТВ со нова емисија наречена „Вип на еден ден“ , која е од хуманитарен карактер. Ќе се емитува секоја среда од 19 часот на ТВ „24“.

Серијалот “Вип на еден ден“ ги прикажува судбините на луѓето кои добиваат единствена можност да го променат својот физички изглед и да ја вратат смислата на својот живот. 

„ Со помош на нашите соработници им помагаме на сите оние кои живеат во тешки услови и се загрозени како материјално така и на други социјални нивоа.  Низ 45 минутно патешествие ја покажуваме трансформацијата на лицата следејќи ја нивната животна приказна и доловувајќи ги емоциите во текот на преобразбата. Им овозможуваме на луѓето да се чувствуваат важни, корисни и со мисла дека почнуваат да чекорат во еден нов, поубав свет“, ја опишува Снеже емисијата.

Таа додава дека сакала да работи нешто поинакво. 

„Сакав нешто кое што ќе ми направи да ми затрепери срцето, да ме покрене и да ме мотивира пак да застанам пред Тв камерата. А ваквиот концепт е голем предизвик. Постојано ги гледав српските и странските концепти од овој тип и ги слушав луѓето како зборуваат зошто нема нешто такво кај нас. И одлучив дека е време да се направи“, додава Велков. 

Емисијата е отворена да се пријават сите оние кои сметаат дека им е неопходен Вип третман. Тоа може да биде и некоја ќерка која сака да ја пријави мајка си како еден вид благодарност, може да се пријават сите оние кои заради немање време или пари, или поради тешката животна судбина својот физички изглед го ставиле на последно место. 

„ Ние не сме трагачи по тажни приказни, ние сме трагачи по среќата која е затскриена зад измачените лица и тешкиот живот“, ни изјави Снеже.

М.Џаровска