ЌЕРКАТА ЌЕ СЕ ВИКА СЕВЕРИНА АКО СЕ РОДИ НА 8 СЕПТЕМВРИ: Ексклузивна фото галерија на Сара Мејс и Димитар Атанасовски

Добивај вести на Viber

„Сара е толку чукната, што на неколку дена пред да се пораѓа, игра ора по свадба и планинари за да види каков поглед ќе има од врвот. Мене ми поминуваа деновите буквално како сите нормални денови претходно, со исклучок на тоа што не возевме мотор само годинава“, вели Димитар. 

Овие девет месеци, ни поминаа како 9 секунди.- Сара и Димитар  

Поп-пејачката и харфистка Сара Мејс и нејзиниот сопруг, водителот Димитар Атанасовски вчера прославија една година брак. За само неколку денови, ги очекува најубавиот период од животот, раѓањето на нивната ќерка.

Димитар и Сара, ексклузивно за Женски магазин се фотографираа во последните денови од бременоста на Сара, со нивниот миленик Атос. 

 „Терминот за породување ми е на 9.09. Сѐ уште се мислиме за име, имаме неколку опции, зависи од тоа кога ќе се роди бебето. Но, ако се роди на 8 септември, задолжително ќе се вика Северина, хахаха. Сакам само со лесно да се породам, се да биде во ред, да е жива и здрава“, ни изјави Сара. Димитар додава дека овие девет месеци му поминале многу брзо. 

Сара и Димитар со миленикот Атос 

„ Овие девет месеци барем мене ми поминаа како 9 секунди. Искрено, сите на почетокот не плашеа, ова ќе се случува, тоа ќе се случува, ама навистина, девет месеци како песна. Сара е толку чукната, што на неколку дена пред да се пораѓа, игра ора по свадба и планинари за да види каков поглед ќе има од врвот. Инаку, генерално, мене ми поминуваа деновите буквално како сите нормални денови претходно, со исклучок на тоа што не возевме мотор само годинава. Инаку, Сара не беше воопшто трудница што се жали и ѝ е тешко (за моја среќа), па немам некој посебен ангажман. Искрено, јас бременоста нејзина, не ја ни осетив“, вели Димитар. 

Тој и Сара се обложиле, ако е машко, името на бебето ќе му го даде тој, а ако е девојче, таа. 

„ Ќе видиме кој ќе победи по породувањето. Иако ни го кажаа веќе полот, дур не видам, не верувам“, ни раскажа Димитар. Тој вели дека сите нивни блиски се толку возбудени за раѓањето на ќерката, па имат купено или добиено сѐ што им треба. „Имаме сѐ за до прво одделение, а може и тоа ќе го поминеме без трошоци“, ни изјави Димитар.

Сара додава дека има исклучително немирно бебе. Но и покрај тоа што треба да се породи за неколку дена, таа е активно ангажирана со промоцијата на спотот за песната „Црна капина“.  „Спотот ќе биде анимација, ова е една од  моите топ три песни од проектот„Floating through space with Sarah Mace", каде што авторски учествува целиот бенд“, ни изјави музичарката.

Сара освен што пее авторска музика е харфистка во МОБ, предава пеење во училиштето „Пијано форте“.  Завчера, таа објави видео како на харфа свири композиција од Клод Дебиси, под која напиша дека музиката го смирува бебето. 


Димитар продолжува со ангажманите како  маркетинг-менаџер во агенцијата „Идеа лаб“, водител во „Сити радио“, а на  „Алфа“ Тв не забавува во репризите од третата сезона на квизот  „Арена“. 

„ Една година од најубавиот ден и журка во мојот живот и една година среќен брак на младите. Не е само годинава, уште од времето на Танц со ѕведите се смеам како зелена цело време со тебе, леткам како заљубена тинејџерка, освојувам планини со тебе, искачувам врвови, ме инспирираш да пишувам музики, те тепам на табла и не се љутиш, а ти ме научи. Многу излив на емоции, ама стварно кај те најдов алал да ми е.Те сакам дечко!“, напиша Сара на својот фејсбук профил како честитка за годишнината од свадбата со Димитар. 

Милица Џаровска

Фото: Кристијан Теодоров

Шминка: „Фран“

Фризура: „Hairhouse"