ЌЕРКАТА НА ПАНЧЕВИ Е СТУДЕНТ: Надица израсна во скромна и посветена девојка
Маја и Дарко Панчеви се горди на својата постара ќерка Надица, која од следниот месец ќе биде студент. Надица ќе студира Германски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје.
„ Наде го положи приемниот испит по Германски јазик на Филолошкиот факултет, и е примена. Секако дека сме среќни за нејзиниот успех, а посебно ни е драго што веќе поодамна самата си знае дека трудот што го вложува носи добри и сигурни резултати“, ни изјави Маја Гроздановска- Панчева.
Пејачката, која е вработена во хорот на Македонската опера и балет вели дека сега, откако завршил уписот на ќерката на факултет, може поактивно да ѝ се посвети на музиката.
Надица Панчева на матурската прослава
„ Не можеме да поверуваме колку брзо помина времето, како вчера да беше. Драго ни е што Надица израсна во прекрасна и скромна личност, а тоа го оправдува и секој ден на нашата посветеност. Најгорди сме на нејзината скромност, таа правилно ги мери работите и сака да успее во тоа што сака да го работи“, изјави за Женски магазин Маја кога ќерката славеше матура.
Маја тогаш се присето нa една случка од детството на Надица.
„ Се сеќавам на една интересна случка, кога Надица како петгодишна даваше интервју за Македонска телевизија, пред Божиќ, кај нас дома. Кога на крај ја прашаа: “Што ќе им порачаш на дечињата што те слушаат?”, одговори веднаш без размислување, онака детски: „Па..,да, може пица“. И на крајот сите слатко се изнасмеавме“, сподели Маја. Надица има уште една помала сестра, Марија, која има тринаесет години.
М.Џаровска