Ќерките го наследија мојот талент за пеење: Апостол Икономов- Поце, вокалист на „Меморија“
Култниот бенд „Меморија" имаше повеќе фази. Познавачите на македонсклата музика сметаат дека фазата во која Поце Икономов (57) беше вокалист и траеше шест години, е најсериозната - ги помести критериумите во Македонија.
На 11 јуни на стадионот на АРМ, , публиката ќе има можност повторно да се дружи со членовите на „ Меморија“. Икономов открива дека меѓу нив владеат чиста енергија имногу емоции. Имаат чувство дека разделбата од пет години, кога го одржаа последниот концерт, како да се случила вчера.
Најавува спектакл, кој ќе го следат и неговите две ќерки Матилда(24) и Ивана(22) – за да им раскажуваат на идните поколенија од музичкото семејство Икономови.
* Каква е атмосферата пред концертот? Имате ли чувство дека сте се разделиле пред пет години?
- Групата функционира секогаш како и на почетокот пред 38 години. Чиста енергија и емоции.Што би рекле open mind или непресметливо.Тоа е рецептот, прав рокенрол.Чувството како да сме се собрале после пет години, не постои. Како вчера да беше последниот концерт.
* Како и кај сите, така и кај вас годините оставаат трага. Но, на вашиот претходен концерт покажавте дека музички сте компактни, со голема енергија. Сепак тоа што одушеви е вашиот вокал. Ги достигнавте вокалните висини во песните со голема леснотија. Гласот е божја дарба, или имате поинаков став?
- Годините се искуство и бројка што не прави помудри.Сите сме во топ кондиција, а за мојот глас секогаш се грижи некој од горе, за што сум благодарен
* Но, не само гласот, кога се искачивте на сцената се доби впечаток дека едноставно, ниту времето, ниту годините, тагите, не оставиле трага на вашиот изглед? Каде е тајната на „ вашата вечна младост“?
- Мислам дека тајната за вечно младиот изглед е во тоа што постојано фантазирам, а за тоа е виновно детето во мене. Дури и моите соништа се како во „Алиса во земјата на чудата“.Мора да постои магија, односно чудо што ќе ви создаде апетит за творење.Ако се движиме по рамна линија светот ќе биде бесконечно досаден. Искрен сум секогаш во изјавите и стојам зад своите ставови. Како дете , а децата никогаш не лажат.
* Како сведок на времето кога бевте вокал на „Меморија“, можам да констатирам дека бевте звезда во вистинска смисла на зборот. Во естрадните кругови се зборуваше за една случка кога сте се качиле на маса и сте барале помош, да ве спасат од обожавателки. Може ли да не потсетите на уште некоја случка од тоа време?
- Постојат над стотици случки кога го живеевме моментот како „Битлси“. Во многу градови низ Македонија каде што настапувавме, се случуваше да запре сообраќајот. Ги урнавме сите рекорди на посетеност во однос на групите од поранешна Југославија, како „Бјело дугме“.Луѓето велат дека дури кога ја чекале штафетата во времето на владеењето на Тито, не биле присутни толку луѓе како на нашите концерти. Во Струмица после концертот мораше полиција да ни прави кордон за да излеземе од бина и да стигнеме до автомобилите. И за чудо, најчесто сами организиравме концерти, без менаџери. .Сами ги правевме плакатите за концерти и ги печатевме картите. Тоа беа времиња без интернет, јутјуб, без стотици радија и телевизии. Но и без тоа „Меморија“ се спомнува во неколку енциклопедии на македонскиот и југословенски рокенрол. Ќе ја спомнам и таа фамозна случка од нашиот концерт во салата „Младост“ во Велес. Во тоа време најдобрата сала во Македонија. Отидовме една недела порано да го испитаме теренот. Тамошните ни рекоа дека е лудост да свириме,ако се знае дека Лепа Брена откажала концерт,бидејќи продала само седум карти. Но, ние верувавме во себе и закажавме концерт. Резултатот беше преполна и демолирана сала. Публиката не зароби во салата, па мораше да интервенира полицијата за да излеземе. Забавата заврши до доцните утрински часови во еден велешки клуб.
* Како би ја опишале денешната состојба на македонската музичка сцена? Во кој правец одиме?
- Силината од минатото уште трае, но на друг начин.Новите генерации се надоврзуваат со старите и прават одлчен микс. Се обидувам да ја следам нашата сцена и би сугерирал да работат повеќе на тоа да се презентираат исклучиво на живи самостојни авторски настапи.Само така ќе ве вреднуваат и почитуваат.Се друго е тапкање во место.
* Моравте да се посветите многу повеќе на семејството, кое има голема потреба од вас, отколку на музиката. Како успевате да се носите со таа ситуација која трае веќе осум годни?
- Едно знам, дека безрезервно сум на двете места, со предност на семејството. Со сопругата имаме две ќерки кои ја учат лекцијата што се вика живот.Пред осум години се соочивме со тешка ситуација, која не погоди како „гром од ведро небо“.Бев многу лут, зашто тоа ни се случи.Но, мојот карактер е како на гладијатор и не останува ништо друго освен да се борам.Борбата се уште трае, а јас не се повлекувам.
* Кога и на кој начин се дружите со музиката, само за себе?
- Што се однесува со приватното дружење со музиката, тоа е слично како кај Стиви Вондер. Се уште вежбам пеење, затоа што музиката се вежба, не се учи многу.Често вежбам гитара, а тоа го правам од кога памтам за себе. И сигурен сум дека некој одозгора не набљудува.
* Дали ќерките го наследија талентот за пеење? Ќе бидат ли присутни на концертот?
- Двете ќерки завршија нижо музичко – отсек флејта и виолина. Средно учеа во гимназија. И двете студираат психологија. Се метнале на тато, одлично ги проценуваат луѓето. Инаку двете пеат толку добро како за во миланска скала.Но, не се експонираат. Всушност амбицијата може да е показател на недостаток на знаење или самодоверба. Еден голем филм всушност, мојот животен филм,ме научи на многу битна работа. На фамозните два збора small moves. Филмот се вика „ Контакт“ со Џоди Фостер. Немојте да брзате,животот е краток.Само спокојно и радувајте се на се што сте оставиле зад себе, тоа е вашата афирмација. Се подразбира дека двете ќе бидат на концертот, за да има што да раскажуваат на поколенијата.Се надевам дека ивас ќе ве сретнам таму. А јас ветувам светски настан.Уште еднаш благодарност што внимателно не следите, а ние ќе ви вратиме сто пати повеќе. Се гледаме на концерт.
Соња Алексоска Неделковска