Кога пее заборава на сѐ што ја мачи: Дени Жерновска знае дека само со упорност се стасува до ѕвездите
Дени има силно изразаено чувство на хуманост и самосвест и честопати знае да негодува за тоа каква е таа поделба на деца со посебни потреби и типични деца и не гледа причина за постоење на вакви етикети, вели мајка ѝ Ирена
Првиот впечаток кога ќе ја запознаете Дени Жерновска, е дека пред вас е кревко, повлечено девојче, па веднаш добивате желба да ja гушнете и да ja заштитите. На втор поглед гледате нешто поинакво - секогаш вкусно облечена, со средена коса, таа седи во својата количка како принцеза на својот мал престол и внимателно ве набљудува. По неколку мига ќе заебележите и дека мошне енергично комуницира, живо гестикулира, има зазразна енергија и јасен фокус.
Енергична и ведра, Дени се движи по својата животна патека со одважност, храброст и стоицизам на возрасен човек и од својата детска перспектива сосема јасно знае што сака за себе од денот и од животот. Таа пишува песни, изработува честитки, пее во училишниот хор и покрај физичката попреченост оди дури и на часови по танц!
Дени е единица на мама Ирена и тато Денис. Има 12 години и е ученичка во шесто одделение во ОУ „Гоце Делчев“, Скопје. Децата од училиштето ја знаат како искрена, добродушна и многу упорна кога ќе си намисли нешто.
Нејзината мајка Ирена се присетува дека Дени веднаш по раѓањето ја покажала својата темпераментна природа.
- Дени се роди во Јуни 2006 година како предвремено родено дете. Беше прилично бунтовно, бучно и немирно бебе, кое помалку спиеше, а многу сакаше да биде будно - открива таа.
Поради нејзината состојба, Ирена и Денис комплетно се фокусирале на пронаоѓање решенија за ублажување на здравствените потешкотии на Дени со кои се соочувале.
- Бевме изолирани од секакви надворешни случувања. На секои два до три месеци, одевме во Загреб и се обучувавме за изведување физикални вежби во домашни услови. Со Дени вежбавме по повеќе од пет часа на ден. Нашата дневна соба се претвори во сала за вежбање и наместо тепих имавме татами - со насмевка се присетуваат Денис и Ирена.
Ангажирале и девојка која доаѓала неколку пати во неделата, која со своите приказни и песни ја стимулирала Дени преку игра да го даде својот максимум во вежбите.
Поаѓањето во училиште отворило сосема ново поглавје полно со неизвесност и искушенија за целото семејство.
- Првиот училишен ден таа беше пресреќна што ќе се дружи со деца и ќе запознае нови другарчиња. Јас како родител исплашена дали и како ќе биде прифатена во новата средина. Требаше да најдеме решенија за многу прашања - пристапноста, движењето, физичкото функционирање воопшто. Потоа, требаше да се избере асистентот за во училиште, кој требаше сами да се снаоѓаме за да го обезбедиме. Стравувавме како Дени ќе биде прифатена од децата, кои прашања ќе ги донесе дома по секој ден на училиште. Прашања од типот „зашто само јас сум во количка“, „зашто само јас и Ерато сме со асистенти“ пристигнуваа секој ден и по проголтани безброј врели кнедли и ножеви во стомакот, се обидувавме да и го дадеме најправилниот и најсоодветен одговор - раскажува Ирена.
Првите неколку месеци биле тешки и напорни, но со текот на времето се навикнале на новата динамика. Посветено учеле, вежбале и пишувале.
- Беше напорно,меѓутоа Дени и самата беше свесна дека тоа еден ден ќе вроди со плод - вели Денис.
Изразениот натпреварувачки дух на Дени и дружбата со врсниците и отвараат апетит да постигне многу повеќе од она што вообичаено се очекува од дете со физичка попреченост.
- При посета на една танцова претстава на студиото „Еурека“ во МОБ, и светнаа очињата и веднаш изрази желба да биде член од танцовата група - се присетува Ирена.
Кога нешто силно посакуваме, тоа и ни се остварува, така што уште од наредната година, во студиото се формирала инклузивна група.
Сега Дени танцува во својата количка понесена од звуците на музиката.Таа заедно со уште три деца во колички и повозрасните членки на „Еурека“, подготвуваат кореографии и имале настапи во „Театар без дискриминација“, „Петко 5+“, а биле гости и на инклузивен театарски настан во Зајечар, Србија.
Но Дени не застанува тука. Да се додаде што повеќе шаренило на секојдневието и да се поттурнат ограничувањата е она што Дени и нејзините родители постојано го прават.
- Во шесто одделение посака да учествува во хорската секција. За остварување на овој нејзин сон, најважна беше посветеноста и љубовта на наставничката Елизабета Глишиќ, која го води хорот. Така Дени со голем ентузијазам беше примена како член на хорот на ОУ „Гоце Делчев“. Пеењето ѝ е новиот двигател и како што вели самата - кога е на хор воопшто не ѝ претставува тешкотија долгото седење во количката и заборава на се' што ја мачи. Кога ќе почувтвува дека е прифатена и охрабрена, тоа ѝ дава голема сила и мотив - вели Ирена.
Пред Нова година хорот и оркестарот подготвиле прекрасен новогодишен концерт со популарни новогодишни и божиќни песни на кој биле поканети родителите и наставниците и тоа за Дени било незаборавно доживување.
- Кога текстовите се на македонски јазик, брзо ги учи. Потешкотија ѝ претставуваат оние што се на странски јазик, но не се откажува, вежба и се труди со многу повторувања да ги совлада. Потоа не’ убедува дека наместо секој ден да учи математика, подобро е да имаат уште еден час музичко. Само така, вели, посреќни ќе се сите деца - раскажува со насмевка Ирена.
Секојдневието на Дени сега е нешто што не може драстично да се промени, но со многу смеа, ентузијазам и хумор се повеќе се претвора во еден исполнет живот.
Таа наутро со помош на родителите се подготвува за на училиште. Наставата ја посетува со асистентка, која ја нарекува - своја менаџерка. Одлично е прифатена од учениците, кои растат со неа заедно од прво одделение.
- Кога почна второто полугодие Дени на излегување од дома ми довикна „Чао, одам во бајките на Гоце Делчев“ - вели Ирена.
Физикалните вежби во домашни услови се нејзино секојдневие. Кога е времето потопло, вози адаптиран велосипед и во тоа посебно ужива бидејќи тој и дава слобода и незвисност во движењето.
Во последно време другарува со Софи, Амелија, Искра, Јована, а омилено им е да снимаат кратки филмови со таблетот, на сценарио кое самите го смислуваат. Саботата е ден за час по танц во студиото „Еурека“ кој не смее да се пропушти.
Неделата, пак, е ден за со баба и дедо, кои посебно ги сака.
На училиште знае да ја разбие монотонијата со некоја досетка, па на часот по Природни науки кога децата требало да набројат какви видови на енергија познаваат, Дени одговорила дека постои и „љубовна енергија“ и дека таа треба да се дава во што поголеми количини и не треба да се штеди.
Дени исто така има љубов кон пишувањето песни и честопати за драгите личности во нејзиниот живот знае да напише песничка и да им ја подари. Со помош изработува и декорира честитки, кои има замисла да ги изложи на некој базар, а средствата да одат во добротворни цели.
- Дени има силно изразаено чувство на хуманост и самосвест и честопати знае да негодува за тоа каква е таа поделба на деца со посебни потреби и типични деца и не гледа причина за постоење на вакви етикети - вели мајка ѝ Ирена.
И покрај многуте таленти и потенцијали на Дени, нејзините родители како и повеќето родители на деца со попреченост не можат јасно да ја видат нејзината иднина, но посакуваат нивното дете да бго живее својот живот со полни гради.
- Иднината е тешко предвидлива. Секојдневието постојано не става пред нови предизвици така што решивме да не правиме долгорочни планови. Би сакале Дени да биде исполнета и среќна со она што го прави, среќна со тоа што го има. Општеството да овозможи модели на што посамостојно живеење на лицата со посеби потреби со пресликување на модели кои веќе постојат во поразвиените земји - раскажуваат тие.
ДЕНИ: Кога ќе пораснам, сакам да бидам наставничка по музичко
* Со која мисла се будиш наутро?
- Помислувам што имам за тој ден и ако може некако да направам да ми биде поорганизиран и поисполнет.
* Како ти е во училиште?
- Сега во шестото одделение ми поинтересно, бидејќи имам различни наставници по секој предмет. Деновите кога имам музичко и хор ми се најубави.
* Дали соученоците ти помагаат во училиште?
- Неколку деца ми помагаат и ме дружат, но има и некои кои не ми помагаат.
* Кои ти се најдобри пријатели?
- Најдобри пријатели ми се: Дадо, Миа, Искра, Софи и Амелија. И сите од клубиот „Еурека“.
* Што најмногу ти се допаѓа во училишниот хор?
- Многу уживам во пеењето. Ми се допаѓа гласот на наставничката, звукот на клавирот и дружењето со децата од хорот.
* Дали имаш трема пред настап?
- Имам малку трема додека излезам од дома, но кога ќе почне настапот трема се губи и многу уживам.
* Која ти е омилена нумера од хорскиот репертоар и зошто?
- Сите нумери ми се допаѓаат. Секоја е убава на свој начин. За Нова Година хит ми беа новогодишните песни.
* Дали сакаш да пееш и во која музика најмногу уживаш?
- Да. Дома често си пејам и уживам во секоја музика. Некогаш забавна ама и народна кога одам на свадби.
* Која професија најмногу те привлекува и што би сакала да бидеш во иднина?
- Би сакала да бидам наставничка и тоа наставничка по музичко.
* Кој е твојот најголем талент?
- Пишувањето песни, пеењето, танцувањето и многу сакам да комуницирам и зборувам.
* Каде би сакала да се видиш себе си во иднина?
- Многу сакам да бидам наставничка и да ги учам децата дека сите се еднакви и да нема поделба. Сите треба да си помагаат меѓу себе и да се дружат.
Мимоза Петревска Георгиева