„Кога пишуваш детска литература мора да се користи многу имагинација и да си внимателен со зборовите“, разговор со авторката на детски приказни, Маја Богоевска

Добивај вести на Viber

Денот на литературата секоја година се одбележува на 2ри април. За првпат бил прославен во 1967, а оттогаш секоја година во светот се одбележува за да се промовира љубовта кон читањето кај децата и да се нагласи важноста на книгите.

Датумот го означува роденденот на Ханс Кристијан Андерсен, прочуениот дански автор, познат по делата како „Грдото пајче“, „Малата сирена“, „Девојчето со кибритчиња“ и многу други. Пораката за 2022 година е „Приказните се крилјата со чија помош секојдневно се вивнувате во светот на фантазијата“. Темата ја прикажува моќта на книгите за деца да ги прошират хоризонтите, да ја развијат имагинацијата и да изградат разбирање.

Тоа е ден кога низ целиот свет се одржуваат средби со писателите за деца, се организираат креативни работилници, се чита, се раскажува и се зборува за најубавото нешто на светот – КНИГАТА ЗА ДЕЦА.

А, само со книгата в раце може да сонуваме со отворени очи. Затоа, продолжете да сонувате и да патувате во светот во кој се е возможно и остварливо – во волшебниот свет на нејзиното височество – КНИГАТА ЗА ДЕЦА.

Кога се пишува за деца, мора да си внимателен со зборовите кои ги користиш, изразите, пораката која треба да ја испратиш и која треба да ја примат, кратки и јасни реченици... и се разбира многу имагинација“, вели нашата соговорничка Маја Богоевска од Битола, која прокрај тоа 19 години е новинар, успешно плови и низ создавањето приказни, детската литература и пишувањето за деца.

Покрај пишувањето тука е и синхронизирањето на приказните за кое Маја вели дека ужива во тоа, па дури и сама ги монтира. На прашањето како да ги поттикнеме децата повеќе да читаат во ера на дигитализација вели: „Со корисни и интересни содржини на интернет кои ним ќе им бидат достапни“.

Маја од 2017 година е редовен автор соработник на редакцијата Детска радост каде пишува раскази за деца за едни од најстарите и најпопуларните списанија во Македонија – Росица, Другарче и Развигор. Автор е на сценариото на емисијата  „Виртуелен свет“ која ги обработува најновите трендови во технологијата и како сето тоа влијае врз децата и тинејџерите, кои се последиците од користењето на социјалните мрежи и ИТ технологијата, беше автор на сценаријата на детската емисија „Мали вести“ каде во формат наменет за големите – вестите, се пренесуваат најинтересните вести од и за најмалите – децата. Соработувала и на сценарија за неколку документарни филмови.

Таа е дипломиран новинар, работи во регионалната Тера телевизија, но и како дописник на Сител.

Како започна приказната со пишување на приказни?

- Со пишување раскази за деца почнав во 2017 година. Претходно, извесно време пишував сценарија за детската емисија „Мали Вести“, што беше нешто ново за мене, но после извесен период сфатив дека едноставно ми лежи и уживам во тоа. Тој период, благодарение на уредничката на редакцијата „Детска радост“, Ксенија Маказлиева Трајчева, добив шанса да бидам дел од авторскиот тим на списнието „Росица“ кое има огромна воспитно-образовна улога веќе седум децении. Чувствувам огромна одговорност бидејќи на некој начин преку моите текстови во детските списанија влијаам врз писменоста на децата. Пресреќна сум кога некој ќе ми се јави и ќе ми рече дека неговото дете или внук/а се воодушевило од приказната. Тоа ми е мотив и знак дека се движам во вистинска насока.

Како ја наоѓаш инспирацијата?

- Инспирацијата ја наоѓам насекаде. На почетокот, дури беше помала ќерка ми, таа ми беше главната инспирација затоа што на тој начин директно можев да видам како размислуваат децата на возраст од 5, 6 и 7 години. Но, со текот на времето, инспирацијата почнав да ја наоѓам буквално насекаде. За време на прошетка со семејството низ природата, за време на патувања, во секојдневни ситуации... Согласно програмата на „Росица“ и „Другарче“ која е усогласена со училишните програми, уредничката Ксенија ми задава теми кои треба да ги обработам. Кога работам на одредена тема, истражувам, читам, барам информации и анализирам на кој начин е најдобро да ја пренесам пораката до децата. Тоа е бенефитот кој го имам од новинарството. Пишувањето раскази за деца воопшто не е едноставно, иако тие мора да бидат едноставни и соодветни за возраста, особено за помалите деца. Јас гледам секогаш да вметнам и малку шега, нештата на хумористичен начин да ги објаснам. Кога се пишува за деца, мора да си внимателен со зборовите кои ги користиш, изразите, пораката која треба да ја испратиш и која треба да ја примат, кратки и јасни реченици... и се разбира многу имагинација. На пример, требаше да напишам текст за мерките за заштита од ковид во градинките во оној период кога повторно се отворија градинките. Сето она што го работев за време на пандемијата, сега требаше да го напишам од детска перспектива, за да сфатат зошто треба да носат маски, да се држат на растојание, да не се гушкаат, да играат игри без да бидат блиску...

Каков е предизвикот да се синхронизираат приказните?

- Со почетокот на ковид пандемијата, се затворија градинките и училиштата, па детските списанија на еден поинаков начин требаше да допрат до децата. Најнапред се започна со објавување на електронската верзија на Фејсбук, а потоа започнавме и со синхронизација на нашите текстови и тие како видео продукт се достапни на Youtube каналот на „Росица“. Мислам дека ова беше и еден вид олеснување за родителите кои доколку не беа во можност да им читаат, едноставно на децата им ги пуштаа видеата со расказите.

За синхронизирањето... Едноставно е – уживам во тоа. Кога го пишувам расказот, цела слика на дејствието е пред мене, знам како звучат главните ликови, нивното однесување...се обидувам да го доловам сето тоа преку мојата синхронизација. Сама ги монтирам видеата, сакам да биде еден добро осмислен финален производ кој ќе биде интересен за децата и ќе ја разберат суштината на самата приказна.

Во ера на дигитализација, како да ги поттикнеме децата од најрана возраст да читаат?

- Токму на ваков начин, со корисни и интересни содржини на интернет кои ним ќе им бидат достапни. Реално, од технологијата не можеме да избегаме, таа е сегашност, таа е наша иднина. Но, мора да се најде начин, сето тоа да се канализира на соодветен начин, а користењето  телефони и таблети од најрана возраст да се ограничи на минимум. Ништо не е штетно, се додека имаме контрола над него. Оваа тема ми е омилена за обработка, а еден од текстовите е токму на оваа тема  „Спортот здравје носи – фудбал на таблети или на игралиште“.

Колку во денешно време е значајно децата да се запознаат и дружат со приказните?

- Децата од најмали нозе мора да имаат контакт со сликовници, боенки, разни игри, сложувалки... Љубовта кон книгата, кон пишаниот збор се создава токму тогаш, кога родителите им читаат на своите деца приказни пред спиење, секоја вечер е различна авантура за нив... Ќе кажам личен пример. На ќерка ми од малечка ѝ читав приказни и бајки. Кога малку потпорасна и почна да разбира повеќе, почнав да ѝ читам басни и после секоја басна разговаравме за поуката од неа. Еве ја сега, има 11 години и на секоја купена книга неизмерно ѝ се радува и едвај чека да ја прочита.  Тука ќе го цитирам Џорџ Р.Р. Мартин - „Оној кој чита живее илјада животи пред да умре. Оној што не чита, живее само еден“.

Како Маја успева да ги балансира сите обврски, со оглед на тоа што е и новинар и дописник за две телевизии и работи во интернет портал?

- Токму тaка - ги балансирам.
Во суштина, јас сум личност која ја сака креативноста, а креативноста, според мене, не сака адреналин. Новинарството пак, е токму тоа. Од друга страна, што би бил животот без адреналин? И така до бесконечност.

Откако паметам за себе, сакам да пишувам, тоа е нешто што ме исполнува. Но, едноставно, темпото на живот, самото новинарство, разни ситуации, стресни, тажни, напорни, влијаат врз мене и за жал, успеваат да ме закочат во тоа. Успевам да најдам време за овие мали раскази, но желбата за нешто повеќе тлее веќе подолг период и мислам дека веќе е време да се реализира.  

Дел од синхронизираните приказни на Маја може да ги погледнете овде:


Неда Маретиќ