Короната е вештачка, се штитам од неа со морска сол и оцет: Благица Павловска за Женски магазин
Благица Павловска тврди дека коронавирусот е вештачка, измислена болест, и вели дека не се плаши оти ќе зарази поради нејзиниот силен имунитет. Со фолк-ѕвездата муабетевме зад сцената на Долни Сарај во Охрид. Благица беше една од учесничките на 27. издание на фестивалот „Охрид фест“.
„Пред секое патување, и а воопшто кога сум дома, правам инхалација со морска сол и со јаболков оцет. Со години себеси се третирам со солена вода, се парам со солена вода и се мачкам со оцет. Правам пареа на лицето, инхалација на грлото. За осми март пеев во Канада, па бев во Швајцарија. Тоа беше почетокот на корона кризата кај нас. Интересно е што дозвола за настапи имаше само локалот каде што пеев јас, во другите не беше дозволено и настапот ми помина одлично. Веднаш откако се вратив, се заострија мерките“, ни раскажа Благица.
Пејачката вели дека таа е отпорна на сите вуруси, затоа што нејзиниот организам создал имунитет.
„Да не даде Господ овој вирус да дојде до било кој од нас, но јас сметам дека мојот организам е борец“, додава Павловска која пред неколку години на своето презиме го додате и Хаџи. Таа смета дека од сите лоши нешта ја штити и нејзината верба и религиозност.
„Оној кој вистински верува во севишниот Бог, никогаш нема да има проблеми. Ќе ви кажам еден пример. Пред да се затворат границите, јас бев на Флорида, од Флорида бев во Торонто и од таму ми избега авионот. Јас тоа вака си го сфаќам. Мора да има причина зошто требало да се случи, зошто требало да го пропуштам авионот, за да не биде онака како што можеби требало да биде. Можеби во тој авион имало некој заразен со вирусот. За кратко време, короната зема голем замав. Нема да коментираам воопшто за таа болест, затоа што знам дека е вештачки наметната, не верувам дека по природен пат се развил таков вирус. Не верувам едноставно, не сакам да му верувам на нештото“, објасни Благица.
Според животната филозофија на Благица, многу е важно за секој човек како созреал и каков пристап има кон нештата. Има луѓе, вели фолк-ѕвездата, што се плашат од мравка и од сето она што не е човек. Благица себеси се смета за цврста личност и за неа, оние луѓе кои имаат плашлив дух, секогаш ќе имаат проблеми.
„Човек што зад себе има големо искуство и не ги гледа работите со страв, треба да биде сигурен во себеси, и во тоа дека ништо нема појако од него самиот. Ние се калиме на многу искушенија, се калиме од непријателските дејствија кои нè стрелаат од некоја причина. Јас короната ја сметам како еден вид таков вирус, што е испратен“, ни раскажа пејачката.
За време на карантинот, додека сите нејзини настапи и настапите на нејзините колеги беа откажани, таа поголемиот дел од времето го поминала дома со својот миленик. Благица е голем љубител на животни и помага секогаш кога може на бездомните животни, затоа што тоа ја прави среќна.
Во последно време, нејзината водилка се предавањата на Монахот Арсенија од манастирот Острог од Црна Гора.
„Секој ден се молам на Бог за доброто на сите нас. Денес, на интеренет и на социјалните мрежи има многу информации за религијата што на мене ми се интересни. Во последно време, се водам според зборовите на Арсенја Монах, според неговоите лични искуства и искушенијата што ги поминал во животот. Ме заинтрегираа неговите убави предавања. Тој вели дека дел од луѓето живеат во заблуда, живеат само за да јадат и да имаат секс. Тоа им е главна преокупација. Јас тој момент сум го надминала кога бев помлада. Кога ќе се сретнеш со Бог како што се сретнав јас, тогаш ќе ја осознаеш вистнската љубов. Сите други работи само нè прават поагресивни“, вели Благица.
Таа се води според девизата дека секој човек треба да ги сплоти своите чувства и да ги исфрли сите свои екстремни желби. Предавањата на Монахот Арсение ја смируваат и откако ги следи нив, вели дека помалку слуша лоши вести за болести кои ни се наметнати за да се плашиме и за да бегаме едни од други.
М.Џаровска