Креиран првиот онлајн курс за иновациски менаџмент

Добивај вести на Viber

Јакнењето на капацитетите за иновации на малите и средни претпријатија преку обезбедување пристап до нови знаења и вештини е стратешки приоритет на Националната стратегија за мали и средни претпријатија (2018-2023). Токму поради тоа, Фондацијата за Менаџмент и индустриско истражување го лансира првиот онлајн курс за иновациски менаџмент на македонски јазик кој ќе им помогне на малите и средни претпријатија како и на идните претприемачи да ги зајакнат своите вештини за преземање иновациски проекти.

Составен од десет модули, секој модул содржи интерактивно видео кое детално разработува одредена тема и тест за проверка на знаењето на слушателот. Курсот обезбедува можност да се навлезе подетално во областа на иновациите, која е нивната суштина, предностите кои иновациите ги создаваат за локалната економија, но исто така нуди и насоки за начинот на генерирање на идеи, како да се стимулира иновативноста кај тимот во една компанија, процесот на развој на нови иновативни производи и др.

Од особена важност се исто така и насоките кои се обезбедени за начинот на заштита на интелектуалната сопственост. Преку активно следење на курсот, претприемачите ќе се здобијат со познавање од различните форми на интелектуалната сопственост како и од процедурата на заштита на сопственоста во Република Македонија.

Во исто време, курсот нуди сепфатен приказ на важноста која иновациите ја имаат за националната економија. Претприемачите ќе бидат запознаени со сите чинители и инструменти кои го сочинуваат екосистемот за поддршка на иновациите и претприемништвото во Република Македонија.

Следењето на онлајн курсот е бесплатно. Сите заинтересирани можат да го следат курсот преку едукативната платформа http://pretpriemacedu.mk/на која треба да се регистрираат на истата. 

Курсот за иновациски менаџмент е креиран во рамки на проектот „Јакнење на конкурентноста на малите и средни претпријатија преку подобрена поддршка за иновации“ кој има главна цел да придонесе кон креирање на силна иновациска клима во државата преку промовирање на концептот на иновативни бизниси.

Проектот е имплементиран од страна на партнерските организации Фондација за Претприемачки сервис за млади, Фондација за Менаџмент и индустриско истражување и АРК Фонд (Applied Research and Communications Fund – ARC Fund) од Бугарија.