Кристина Арнаудова: Си ги знам маните и одлично се носам со нив
Познатите Македонки немаат комплекс за својата убавина, а некои од нив ни докажаа дека воопшто не им е проблем отворено да зборуваат за своите мани. Една од нив е и докажаната пејачка, авторка и хуманистка Кристина Арнаудова која секогаш е опуштена и спонтана.
- Одење во продавница со комплетен мејкап мене во најмала рака ми е смешно. За себе си имам фино мислење, се сакам себе си со сите мои убави и лоши страни. Си ги знам маните и одлично се носам со нив. Супер се носам со моите малку клемпави уши, мојот карактеристичен нос и специфични заби и немам намера тоа да го коригирам-отворено зборува популарната пејачка.
Доказ за нејзината самодоверба се и фотографиите без грам шминка кои ги споделува на социјалните мрежи. Таа забележува дека само балканските ѕвезди ќе ги видите на улица облечени и нашминкани како за на шипка.
- Македонките се природно убави жени, имаме многу убава естрада која не подлегна на трендот на силиконизација и горда сум што сум во едно такво друштво. Овде не ги вклучувам оние кафеански пејачки кои некои медиуми почнаа да ги третираат како естрада. Во нормалниот свет само старлетите го практикуваат и форсираат тој „фејк“ имиџ - објаснува Арнаудова.
За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов