Литературно-музички хепенинг „Читањето е супермоќ“ на Школка во Градскиот парк

Добивај вести на Viber

Издавачката куќа „Арс Ламина“, на 17 јуни (сабота), со почеток во 11 часот, на Школка во Градскиот парк – Скопје, ќе го организира литературно-музичкиот хепенинг „Читањето е супермоќ“, со кој ќе биде заокружена кампањата за поттикнување на читачките навики кај децата, за оваа учебна година.

На настанот ќе бидат наградени победниците на литературниот и ликовен конкурс „Читањето е супермоќ“, што беше спроведен во основните училишта во целата држава. На е-адресата на „Арс Ламина“ пристигнаа 150 литературни и 330 ликовни творби од ученици од прво до деветто одделение. За најдобрите одлучи стручно жири.

На програмата се настапи на талентирани групи и ученици од неколку скопски основни училишта. Планирани се музички изведби со инструменти, танцови точки и настапи на литературните и драмските секции на училиштата. Музичкиот дел од хепенингот ќе биде збогатен со ексклузивен настап на детскиот фестивал „Поточиња“.

За време на настанот ќе се одржи ликовна работилница за деца од отворен тип. Исто така, познатата илустраторка на книги за деца, Калиопи Трпчева, во просторот пред Школка ќе нацрта дело инспирирано од кампањата „Читањето е супермоќ“, поттикнувајќи ги учениците да ги раскажуваат приказните и преку цртеж.



Целите на кампањата „Читањето е супермоќ“ се поттикнување на читањето и унапредување на читачките вештини, подигнување на јавната свест за значењето на читањето од најмала возраст, негување на мајчиниот јазик, поддршка на децата со тешкотии во читањето и друго.

Оваа година, во соработка со скопските општини, „Арс Ламина“ организира серија едукативни презентации за претставниците на основните училишта (директорите, библиотекарите и наставниците) како поддршка на наставната програма со понуда на конкретни методи, алатки и стратегии за поттикнување на читањето. Во рамките на оваа соработка со општините, „Арс Ламина“ донира вкупно 5800 книги, односно по сто книги (лектири, лектирни читанки, збирки, вежбанки и нагледни средства) во библиотеките на 58 скопски училишта, кои се вклучија во кампањата.

Литературно-музичкиот хепенинг „Читањето е супермоќ“ е завршен настан на истоимената кампањата, што издавачката куќа „Арс Ламина“ ја спроведува веќе петта година по ред.


*Пр објава