Љубов голема за Македонија: Ламбе Алабаковски сними химна за поддршка на одбојкарската репрезентација

Македонската одбојка ќе има и своја химна, а од одбојкарскиот сојуз се надеваат дека ќе им влезе во уво на слушателите и ќе ја пеат гледачите во салата „Борис Трајковски“. Но, и ќе остане како одбојкарска химна на секој нареден настан.

- Сакам да им се заблагодарам за ентузијазмот на сите вклучени во создавањето на оваа песна, на композиторот Филип Неделковски и текстописецот Огнен Неделковски, кои без збор прифатија да бидат дел од оваа иницијатива, како и на аранжерот Ангел Ќосев. Голема благодарност особено на изведувачот Ламбе Алабаковски, кој посака да ја поддржи македонската одбојка не размислуваќи ниту секунда за некој тесноград личен интерес. – вели Тони Стојановски, кој дополнува дека промотивната лепеза за македонската одбојка ја рашириле максимално.

- Искрено не верувам, а да бидам поконкретен, знам дека ниту една друга репрезентација досега имала вакво покривање на своите активности и за тоа сум навистина горд. На мојата радост ѝ нема крај затоа што ги исполнуваме сите планови од аспект на промоцијата на Европското првенство како настан со најголем ранг во историјата на независна Македонија. Ова е прв машки сениорски континентален шампионат кај нас и сакавме да има од сѐ по нешто. МРТ направи документарен филм за македонските одбојкари насловен „Живеејќи го сонот“, наскоро ќе го објавиме воведното видео за Скопје како еден од градовите каде што ќе се игра елитна одбојка летово. Тоа ќе биде не само одбојкарска, туку и туристичка, но и македонска промоција на главниот град како еден од епицентрите на европскиот спорт во август и во септември. - открива Стојановски.

33-то Европско машко сениорско одбојкарско првенство ќе трае од 28-ми август до 16-ти септември, а покрај Македонија, коорганизатори се Италија, Бугарија и Израел.

С.А.Н