Љубов! Многу малку време ти даваме
Која е разликата помеѓу потреба и желба. Дали свесно се вплетуваме во секојдневни интриги на дај ми, ќе ти земам.. Полна сум со реторички прашања, знам, ама мајку му ова животиштево така ме научи.
Поставувај прашања за да, ти, дојдеш до одговор како да живееш.
Свесноста за себе и присуството во сопственото тело кај секој се активира поединечно, кај некој за жал, никогаш, а кај некој и прерано. Не знам дали е 3 години прерано или прекасно но првото сеќавање ми е од тогаш. Мирисот на зумбулот во дворот на баба ми помешан со мирис на тазе печен леб и пиперки. Не знам што сакав повеќе, само се сеќавам на количината на љубов во твој двор. До ден денешен, јас имам 33, таа 82, се јавува да ме праша дали сум ручана и што јадев. Салцето мое си влече на корени. До ден денешен ја боли кога ќе раскинам со дечко, кога не ми оди на работа, кога не ми е се по нејзин ќеиф. Уште се лактаме околу темата за моја мажачка, таа смета дека треба да го сторам тој чин, јас сметам дека треба да сакам прво. Онака за засекогаш, без компромис, со замижени очи и без очекувања. Затоа што кога почнува очекувањето, умира љубовта.
Љубов, многу малку време ти даваме. Свесно ја поминав цела младост. Бев буцка, поголемиот дел од мојот живот, но и доста будало дете. На 13 год веќе знаев што се пороци а до 16 половина ги поминав. Само порокот на љубов го чував себично за некој посебен, ветен од горе. И не се каам за ништо до ден денешен.
Цела младост експериментирав со себе и сопствениот изглед. Знаев точно на што реагира спротивниот пол, знаев дека тоа не е килажата, штиклите или гардеробата а по најмалку шминката. Се сеќавам на сите интеракции, без разлика како и да бев облечена не беше важно. Важно беше како сум расположена и каков ми е односот со себе. И да си како партал, како вреќа за компири што би рекла јас, во моите инвентивни моменти, ако си насмеана, ако си позитивна, спас нема од додворување. Колку и да си намонтирана по последни модни и општествени правила, џабе ти е ако ти недостига насмевката и самодовербата. Ма колку сакаш носи и брендови и тагови, енергијата е таа што те привлекува и одбива.
Јас сакав вистински прв пат на 21 година, ја имав најубавата и најискрената љубов што бајките ја смислиле, ама баш заради тоа, мораше и Шекспировски да заврши. Понатаму имав и имам уште многу прилики за сакање, и во цели 12 години сакање на други, заборавив да се сакам себе. А кога почнав, тие големите љубови се тргнаа, дека љубовта не сака да се потчинува, сака да доминира. На 20 сакаш со срце, на 30 со глава. Ако успееш во цел процес на себеспознавање да се засакаш себе прво, многу проблеми ќе преполовиш на ич. А кога ќе почнеш да си веруваш на себе и своите избори без туѓи очекувања, верувај ми животот ќе започне сам да си го реди мозаикот и да ти ги отвара сите проклети врати за кои си бил убеден дека за тебе се запечатени.
Нејсе, да се вратиме на темата зошто и како слабееме.
Знаете јас сум тука веќе осум години. Превртев брда и долини, половина планета и цел свој живот, имав безброј интервјуа и уште толку успеси. На ништо не му беше дадено толку на значај колку на моето слабеење. Прво тоа ми беше една голема небулоза, зошто ние луѓето сме толку површни. Не видов дека променив се околу себе, околина, опкружување и начин на работа и размислување. Ако предходно ретко велев Не, сега веќе знам и те како да те отерам кај што ти е местото, ако лутав дизајнерски и уметнички, сега веќе тргам од себе, личните потреби и правила. Па ве разбирам зошто толку многу рековте Браво. И јас го велам истото за сите вас кои подлегнале на промена за подобрување на сопствениот живот и играат по сопствени правила на функционирање. За жал, тука сме политички отруени, со трошни услови за живеење во однос на државни уредувања и тоа е вековно, откако се паметиме како нација. Местоположбава не сотре, ама пирејот не се сотира лесно така? Па така со тој исконски инат, знам зошто секој од нас што е дел од моево обраќање, има моќ, сила и храброст да направи нешто повеќе за себе а со тоа и за општеството во кое бидува.
Јас сум зависна од Љубов, за Љубов постојам. Само не знаев дека може да ја насочиш таа љубов кон се. Не мора да е само дечкото, само работата, само семејството. Мораш да ги отвориш очите и да се засакаш себе прво, за после да можеш да сакаш комплетно, без фрустрации и со огромно задоволство.
Доста за денес, и ветувам од следно нема да мудрувам волку, ќе поделиме и по некој рецепт и искуство плус.
Јас сум Ивана Кнез, денес се сакаме за трошка малку повеќе од предходно.
Се читаме следната недела.