Лора ги издржа болките 20 часа: Турунџиева стана баба
Пејачката , водителка и писателка Сузана Турунџиева стана баба. Нејзината ќерка Лора, утрово роди машко дете. Сузана за „Женски магазин“ изјави дека нејзината ќерка е голем херој и оти со раѓањето на внукот, почнува нов, убав период за целото семејство.
„ Лора е голем херој, борец. Таа е похрабра и од мене. Дваесет часа издржа големи болки, сите ние 20 часа бевме на нозе и до самиот крај беше упорна да се породи природно. На крајот, сепак мораше да ја оперираат, и се породи со царски рез“, ни изјави среќната баба. Таа вели дека внукот сѐ уште нема име, но е ист како татко му, сопругот на Лора, Филип Наунов, кој за време на породувањето бил со Лора и ѝ давал поддршка.
Лора и Филип се венчаа минатото лето
„ Лора реши да ги издржи сите болки и ниту еднаш не се пожали. Ќе станам мајка и готово, морам да издржам- велеше таа и ѝ се восхитував на храброста и на решителноста која ни јас ја немам понекогаш. По сѐ што ни се случи, доаѓа нов, убав период за сите нас“, ни изјави Турунџиева која пред четири ипол години го загуби сопругот Марјан, таткото на нејзината помала ќерка Матеа која има речиси девет години.
Лора има 19 години е ќерка на поранешниот пливачки ас, Александар Маленко.
М.Џаровска