Македонец го опишува првото искуство со разорното торнадо во Чикаго: Беше страшно, имав чувство како да сум во тунел

За Американците торнадата се нормална појава, но за луѓето од овие простори, се само виртуелена вест, која може да ја проследат само во медиумите со ококорени очи и со емпатија, за штетата што ја предизвикуваат.

Прим.д-р Живко Алексоски, изминативе години секое лето го посетува семејството на својот син во Чикаго. Но, годинава првпат бил сведок на разорната моќ на торнадото, кое се случи пред неколку дена во областа на Чикаго, вклучително и едно во близина на аеродромот О’Хара, што предизвика прекин на воздушниот сообраќај и предизвика големи штети.

- Со син ми патувавме на концерт на групата „Америка“ во државата Висконсин, во градот Милвоки кој е одалечен 150 километри. На половина пат забележав дека на небото се појавува недефинирана темна боја, под неа зелена, а на крај бела. Имав чувство како да влегуваме во тунел. Одеднаш почна да врне силен дожд и да дува силен ветар. Иако бришачите беа пуштени на најсилно, едвај се движеа. Пред нас имаше шест моторџии со огромни мотори. Двајца од нив запреа под еден надвозник, за да се спасат од тонрадото, а другите четворица моторџии упорно продолжија да возат сѐ до Милвоки, каде тој ден имаше собир на мотористи од цела Америка,за обележување на 120 години на „ Harley Davidson. Не можеа ниту да застанат, ниту да се вратат. Ние продолживме да возиме, и тоа многу тешко. Во Америка мораш да возиш брзо и не смееш да го запреш сообраќајот. Како што постои казна за брзо возење, постои и за бавно возење – појаснува д-р Алексоски и открива дека се возеле на автопат од четири ленти.

- Моравме да возиме адаптибилно спрема другите возачи. Имаше многу отежната видливост по автопатот. Особено беше страшно и опасно кога ги поминувавме оние огромни камиони шлепери, кои што се долги по 16 метри и коишто имаат 18 тркала. Возеа многу брзо и прскаа странично. Торнадото траеше околу еден час и заврши кога стигнавме во Милвоки. Торнадата во Америка се случуваат повеќе пати во годината и луѓето веќе се навикнати. Пред да започнат, граѓаните на Америка добиваат на мобилните телефони црвен „alert“ односно алармирање дека доаѓа Торнадо. Ги предупредуваат дека ќе врне многу дожд, дека можеби ќе има поплава и ги советуваат да седат дома – појаснува д-р Алексоски .

Шокот од торнадото краел кратко, бидејќи концертот на „Америка“ кој се одржал во специјална акустична сала, преполна со публика им го вратила расположението.

- Групата Америка е 53 години на естрада. Неа ја сочинуваат Гери Бекли и Дуи Банел, додека третиот член Дан Пик почина во 2011 година. Гери Бекли пред некое време изјави дека изминативе 53 години одржувале по сто концерти годишно. Свиреа 1 час и 45 минути, а публиката скандираше по секоја песна. Нивна најпозната тема, којашто ја оставија за крај на овој концерт, е „А Horse with No Name“,од нивниот прв албум и со неа стигнаа до 4-то место на Британска топ листа. Тие иако се Американци, родени се во Англија, од родители коишто биле воени лица. На сцената настапија двајца од оригиналната постава на бендот, кои беа придружувани од уште четири музичари. Гери и Деви имаат 71 година. Почнале да студираат за воени лица, но кога имале 19 години, биле толку музички успешни, што половина час биле предгрупа на Пинк Флојд. Тогаш членовите на бендот „Америка“ изјавиле дека имале мала трема, бидејќи на тој настап во Ројал Алберт Хол во Лондон ги придружувале 60 музичари – појаснува Алексоски.

С.А.Н