Македонија по теркот на европските вакцинални календари: Од догодина уште две задолжителни вакцини
Моето дете има 5 години и нема примено ниту една вакцина. Вакцинацијата моравме да ја одложиме поради компликации при раѓањето и поради сугестиите од педијатрите моравме така да постапиме. Но, кога поминаа девет месеци и кога требаше да почнеме да ги примаме вакцините, јас како мајка решив да не ја вакцинирам мојата ќерка консултирајќи се со други мајки. Според мене вакцините се непотребни, а на социјалните мрежи се почесто можеме да прочитаме дека тие се причината за неизлечливи болести-вели една мајка која се вбројува во оние родители кои се противат на задолжителната имунизација, која од оваа година е услов за запишување на децата во предучилишните установи.
Се посилно антивакцинално лоби владее во регионот, а и кај нас од година в година расте бројот на родители кои одбиваат да ги вакцинираат сопствените деца. Најголем виновник за одбивноста на родителите според познавачите е токму Интернетот каде родителите може да прочитаат секави непоткрепени текстови.
Повеќето од нив се збунети и дезинформирани со информациите кои се пласираат преку социјалните мрежи и форуми, како и преку меѓусебните разговори на младите родители, вели и актуелната директорка на Клиниката за детски болести и имунолог Катарина Ставриќ која открива дека од следната година ќе бидат воведени уште две задолжителни вакцини за пнеумокок и за рота вирусна инфекција кои ќе се спроведуваат во првата година. Со тоа Македонија ќе се изедначи со вакциналните календари на европските земји.
„Мора да се нагласува постојано дека не сите информации кои родителите ги добиваат преку интернет се точни. Многу често се пласираат бомбастични информации за вакцините кои не се вистинити. Сепак ние лекарите работиме медицина која се базира на научни докази. Давање на медицински поткрепен одговор на сите нивни дилеми, стравови и разјаснување со стручно поткрепени податоци е најдобриот начин да се справиме со негативната кампања која владее во однос на вакцините“, вели проф.др. Ставриќ.