Македонката која се омажи за Грк: Љубовта нема предрасуди, човек се сака каков што е, а не од каде е

Добивај вести на Viber

Љубовта не познава граници.  Ова чувство ретко кој може вистински да го опише, бидејќи секој во љубовта ужива посебно, секој ја чувстува различно. Пеперутки во стомакот, целосно треперење кога саканиот ќе не бакне, како да газите на облаци, кога реалноста ни е поубава од сонот.

Никој не знае каде ќе го запознае идниот сопруг, па така и Танкица Коцева Плагиану никогаш не претпоставувала дека својот сопруг ќе го запознае на денот на нејзиниот роденден.  Се сретнале прв пат на море, бидејќи пред две години таа роденденот го прославила во соседна Грција. По само неколку дена Мариос ја поканил да излезат на состанок. И така некако тргнале работите.

„ Не сме многу долго заедно, скоро две години ама вибрираме на иста фрекфенција како да сме заедно од мали нозе“, споделува за Женски магазин Танкица која се омажи за гркот Мариос Палагианос.

Нивната љубовна приказна е несекојдневна, особено за општеството во коешто живееме кое е полно со предрасуди, но и поради долгогодишната „кавга“ во која се наоѓаше нашата држава со соседна Грција.

Танкица, вели дека општеството е полно со предрасуди на секакви основи до личности кои дозволуваат да ги допрат туѓите мислења и осуди. „Имам среќа што јас не сум таков карактер и што секогаш ја имам поддршката од моите родители, воопшто не обратив внимание на неговата националност. За мене љубовта нема предрасуди“,  децидна е македонката, која во моментов е во Грција со сопругот и ќеркичката. А поради пандемијата од  коранавирус и затворените граници, со месеци не дошла дома во нашата земја за да ги види најблиските.


Женски магазин ја праша Танкица како ја прифатиле родителите, пријателите и блиските на сопругот Мариос, бидејќи спорот меѓу двете држави низ годините се пренесе и помеѓу луѓето, а на тоа таа одоговри: „Ме прифатија како дел од нив. Човекот се сака каков е, а не од каде е. На крајот на денот кого и да пресечеш со нож ќе тече црвена крв“.

Ја прашавме и дали добивала пораки на социјалните мрежи за сопругот, некој да и префрли, да ја осуди, да „хејта“? „Не, не им дозволувам толкава слобода на луѓето. Секој има свои граници, порака со осуда или омраза кај мене не стигнала“, искрено споделува Танкица.

Интересно кај нив како сeмејство е и тоа што најчесто во домот кај нив се коминицира на англиски јазик, но и дека нејзиниот сопруг учи македонски но тоа му оди потешко, а таа за разлика од него многу повеќе го владее грчкиот јазик.

„ Кај нас дома се зборува англиско-грчко-македонски. Јас научив грчки ама имам уште многу за учење, тој разбира нешто ама кај него малку потешко оди особено со нашите букви Ц,Ч,Ж и Ш. Многу често се смееме на неговото изговарање“, ни открива Танкица.

Оваа младо семејство својот брак го круниса во Македонија, во Струмица, со најблискиот круг на роднини и пријатели и од македонска и од грчка страна. Пред пет месеци Танкица и Мариос ја добија и својата прва ќерка Ина, која се роди во Македонија. Последите три месеци семејството Плагиану е во Неа Каликратиа, Грција, уживаат дома покрај море, но Танкица вели дека сепак многу и недостигала нејзината помала сестра.

„ Ми недостигаат блиските луѓе, особено сестра ми, друго ништо не ми недостасува. Домот е таму каде што е семејството. Се надевам дека брзо ќе заврши сѐ за можам и нив да ги видам“, споделува Танкица.


А, за ситуацијата со Ковид -19 кај јужниот сосед, таа вели, Грција е целосно вратена во нормала, остана да се отворат уште границите, мерките и обврските се тие универзалните, дистанца, маски или визири и секако миење раце.

Танкица вели животот и се променил многу. „Од еден претходен живот сега имам сосема нов, со се ново што можеш да замислиш во него. И преубав ми е. Моите три најголеми љубови во мојот живот се со мене маж ми, ќерка ми и моето сега веќе наше куче“, таа додава и дека во новиот дом таа веќе има нови пријатели, бидејќи како што вели Танкица: „Живот без пријатели е сиромашен живот а јас сакам да уживам во луксуз“, мислејќи на нејзините пријатели кои и недостигаат – завршува таа.


Наталија Миланова