Македонските кроасани 4U со реномираниот сертификат за квалитет IFS го освојуваат ЕУ пазарот
Покрај отворањето на новпроизводствен погон опремен со најсовремени машини, фабриката „Жито пром“ од Гевгелија неодамна го доби и ценетиот интернационален сертификат IFS (International Featured Standard) со кој се гарантира врвен квалитет и безбедност на храната. Станува збор за сертификат кој е воведен во 2002 година од германската, француската и италијанската трговска асоцијација и е еден од главните инструменти кој им овозможува на прозводителите да извезуваат во земјите – членки на ЕУ. Новиот погон и сертификат се врзани со производството и извозот на кроасаните 4U кои засега се продаваат во Холандија, Германија, Полска, Израел, Шведска, Италија, Грција, Србија, Косово, Албанија, Црна Гора, БиХ, Бугарија и Романија. Но добивањето на IFS ќе гарантира и влез во многу други држави низ целиот свет на што постојано се работи во „Жито пром“.
IFS е развиен на две нивоа – основно и повисоко.Кроасаните 4U ја добија оценката, повисоко ниво што значи дека производот е направен според критериуми кои се сметаат за повисоки стандарди во индустријата за храна. Добивањето на сертификатот било реализирано преку DNV GL, интернационално акредитиран регистар и асоцијација за класификација чие седиште е во Норвешка.
- IFS е наменет за новиот погон во „Жито пром“ во кој се произведуваат кроасаните 4U. Со оглед на тоа дека паралелно на имплементацијата градевме и оспособувавме нов простор, истиот е поставен според барањата на стандардот. Целиот систем е насочен кон заштита на купувачите и овозможување квалитетен и безбеден производ. Тоа значи детална контрола на секоја суровина и добавувач, работење по строги правила и процедури, константно следење на процесите и водење на обемна документација со цел стандардизирање на производството, а и намалување на ризиците – објаснува Татјана Танева Новаковска од „Жито пром“.
Таа посочува дека овој тип на стандарди често се задолжителен услов од европските компании за да се воспостави соработка.
- Со оглед на тоа дека извезуваме во голем број земји, грижатаза нашите купувачи е примарен фокус на нашата компанија. Дополнително, доколку се стремиме кон ЕУ не останува ништо друго освен професионално да се подготвиме за иднината што доаѓа. Трудот, енергијата и постојаните инвестиции се тие што ќе нè насочуваат кон начинот на работење на развиените европски компании – додава Танева Новаковска.
Во „Жито пром“ во моментов се работи на обезбедување уште еден сертификат, Kosher стандардот кој е особено значаен за да го зголемат извозот.
- Со овој стандард се гарантира дека храната е погодна или „чиста“ за консумирање според еврејскиот верски закон за храна кој е наведен во Тората. Законите за кошер вклучуваат опсежна легислатива што се однесува на дозволена и забранета храна во неколку аспекти како и меѓународниот стандард за општествена одговорност BSCI – истакнува менаџерскиот тим на „Жито пром“.
Фабриката во моментов брои 50 вработени. Од пред неколку месеци беше отворен и новиот погон за кроасаните 4U со што се зголеми производството. Следните планови се фокусирани на проширување на производната палета како и имплементација на стандарди за квалитет кои се бараат на други пазари надвор од Европа.