МАРГА ФИЛИПОВСКА првата библиотекарка на „Коменски“: Низ мојата библиотека поминале Корубин, Протуѓер, Боркица..

Добивај вести на Viber

Кога ќе прашате некој што основното образование го завршил во ООУ „Јан Амос Коменски“ од Скопје за неговите денови како основец додека ги евоцира спомените без сомнение ќе ја спомене библиотекарката Марга. Нејзиниот свет на книгите е свртувалиште не само на сегашните ученици туку и на оние кои и пред децении завршиле во „Коменски“. Марга Филиповска е омилениот лик на учениците, нивна најголема поддршка, најдоверлива личност и најдобар советник, таа за Hashtag.mk откри неколку тајни од просторијата исполнета со книги и ни ја раскажа нејзината библиотекарска приказна...

Кога ќе се спомене училиштето „Јан Амос Коменски“ од Скопје, прва асоцијација за него си токму ти, па како започна твојата приказна како библиотекарка во ова училиште?

Па... како  да кажам, сосема случајно. Јас сум основачот,првиот библиотекар на ова училиште. Љубовта кон децата и книгата постоела отсекогаш во мене. Во мојот дом постои мала библиотека наследена од мојот татко, која исто така приднесе за оваа професија, љубовта кон книгата и убавата мисла. На учениците им помагам да ги најдат информациите што ги бараат, да бидат креативни и ги насочувам да читаат со разбирање.

Колку години Марга е дел од просторијата исполнета со книги ?

Во оваа библиотека сум многу одамна. Библиотеката располага со голем фонд на книги од разни жанрови и лектирни изданија за учениците од прво до деветто одделение како и стручна литература за наставниот кадар.  Во моето долгогодишно искуство имам добиено многу награди на општинско и републичко ниво за млади библиотекари.

Со години наназад низ твојата библиотека поминале генерации скршени срца, невозвратени љубови, растурени другарства, па колку учениците те сметаат за блиска и ти ги доверуваат своите тајни ?

Од секогаш учениците ме сметале за блиска. Комуникацијата со учениците ја засновам врз почит, внимание и промоција на позитивните вредности, ставови, однесувања кои ги очекувам од нив. Учениците комуницираат со мене на начин кој обезбедува подршка и доверба меѓу нас.

Постои ли некоја случка со некој ученик што никогаш не би ја заборавила?

Поминале многу генерации, а со нив и добри и лоши случки. Секоја случка си има своја приказна, свое минато па не би издвоила некоја посебно.

Ти се случило ли некогаш некоја доверена тајна од некој ученик да ја пренесеш на родителите се разбира за да го заштитиш детето?

Имало многу доверени тајни од страна на учениците, кои останале меѓу нас и немало потреба да се пренесат на родителите за да се заштити детето. Тоа се вообичаени тинејџерски тајни ....

Кои познати лица од јавниот живот од Македонија поминале низ твојата библиотека?

Поминале многу генерации ученици во текот на мојата работа, кои денес станале врвни доктори, пилоти, стујардеси, уметници, политичари, водители, професори како Бојан Јовановски-Боки 13, Мартин Протуѓер, Боркица Груевска, Михаил Корубин и многу други...Учениците кои поминале низ генерации на мојата библиотека сега станаа родители, а нивните деца се мои ученици.

Каде повеќе се пронаоѓаш себеси како библиотекарка или како другарка на сите оние кои бараат помош од тебе овде меѓу книгите?

На прво место е мојата професија и секако дека повеќе се пронаоѓам како библиотекарка, а потоа како другарка на сите оние кои бараат помош од мене. Познавам многу методи за работа со ученици за нивно успешно советување за читање и учење кое гради високи лични стандарди за позитивен успех .Ги потикнувам и подржувам учениците да се пријавууваат на конкурси и натпревари.

Водиш ли некаква евиденција за тоа кој е ученикот со најмногу прочитани книги досега?

Секако дека водам евиденција и тоа од самиот почеток на библитеката.

Да можеш да го вратиш времето би променила ли нешто?

Не би променила ништо. И да го вратам времето повторно би ја избрала оваа професија која е хумана, бидејќи влијае врз процесот на учење и мотивација на учениците.

Б.М.