Мартин Вучиќ за Женски магазин: Драго ми е што се почувствува добра енергија на „Танец“ и Влатко Стефановски

Публиката на концертот на Националниот ансамбл „Танец“, заедно со Влатко Стефановски во петокот, на нозе ги испрати музичарите од сцената на Националната опера и балет. Еден од оние кои стоечки им аплаудираа беше и Мартин Вучиќ, познатиот музичар, актуелен директор на „Танец“.

Вучиќ посветено работи на промоцијата на „Танец“ кај нас и во целиот свет веќе неколку години, и е горд на музичарите кои на секој настап со многу љубов го претставуваат нашиот богат фолклор.


-Многу бев возбуден по концертот. Ова беше одличен спој на Влатко Стефановски и на „Танец“ кои се пријатели долги години, и конечно требаше да се случи заеднички проект со целовечерен концерт“, ни изјави Мартин по концертот.

- Драго ми е што се почувствува добра енергија и спој на правци во музиката, со што уште еднаш се покажува шареноликоста и адаптибилноста на нашиот фолклор со други жанрови“, е оценката на Вучиќ по овој концерт на кој целата публика уживаше.

Мартин ни ги најави следните активности на „Танец“ и ја раскажа за агендата на ансамблот која е доста богата во наредниот период. 

-Петочниот концерт со Влатко ќе излезе на ДВД до крајот на годината“, е првата активност на која ќе се посвети ансамблот.


-За една недела од сега излегува ЦД-то со наслов „Танцувај со Танец“ со студиски снимени шест антологиски кореографии од збирката „Нотографии“, додаде Вучиќ и најави уште неколку убави новости. 


-На 21 декември во МНТ ќе се одржи традиционалниот новогодишен концерт, каде што традиционално, премиерно ќе биде изведена нова кореографија. Потоа, ќе одиме  на скратен колективен одмор, кој ќе биде прекинат поради подготовките за турнејата во САД и Канада од 13 до 28 февруари каде што ќе имаме осум настапи во осум градови“, најави Вучиќ и додаде дека „Танец“ ќе настапува во Монтреал, Отава, Торонто, Детроит, Питсбург, Кливленд, Чикаго и Њујорк.  Во концертот на „Танец“ и Влатко Стефановски, уживаше и неговата мајка, новинарката Весна Вучиќ.


На концерот, во публиката беа и министерките Ирена Стефоска и Мила Царовска.

М.Џаровска

Фото: В. Танровски